ЌЕ СЕ ЛЕГАЛИЗИРА ТРГУВАЊЕТО СО КРИПТОВАЛУТИ Ковачевски вели фаќаме приклучок со современите финансиски текови
Постапката за легализација веќе е започната од сегашната влада, а легализација на виртуелното тргување најави и ВМРО-ДПМНЕ.
Новата влада планира да го легализира тргувањето со криптовалути, а приходите ќе подлежат и на оданочување. Ова е наведено во предлог -програмата на мандатарот Димитар Ковачевски доставена до Собранието.
Во образложението за легализација на тргувањето со криптовалути се вели дека се сака да се фати приклучок со глобални текови, кои сериозно прогресираат и во најразвиените финансиски системи.
„ Владата ќе им овозможи на граѓаните кои поседуваат биткоини или други стабилни криптосредства да ги разменуваат на легален начин, а домашните компании да вршат трговија кон странство во криптосредства кон своите добавувачи“, пишува во вадината предлог програма.
Во подготовката и донесувањето на законските решенија, како што е најавено, ќе се следат препораките на Европската унија, а ќе се вклучат Министерството за финансии , Народната банка и комерцијалните банки, а ќе бидат консултирани и експерти.
Според најавата, формализацијата на тргувањето со криптовалути ќе донесе и даночен прилив.
„На долг рок, а ќе ги привлече и потенцијалните криптоинвеститори од светот“, се наведува во предлог-програмата на владата.
Легализација на тргувањето со криптовалути во јили лани побара и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. При тоа најави и закон за тоа.
– Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го предложи законско решение, кое покрај легализирање и ставање во правна рамка на тргувањето со круптовалути ќе опфаќа и законско ослободување од пресметување на ДДВ за трговијата со криптовалути, а инвеститорите ќе се ослободат и од плаќање на данок на добивка и персонален данок на доход најмалку до крајот на 2023 година – рекоа тогаш од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата најавија дека со легализацијата ќе се обезбедат и 500.000 евра во буџетот.
– Тоа се половина милијарда евра повеќе за проекти и мерки за граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ има план и визија како од Македонија да направи земја во која напредните технологии ќе бидат секојдневие. Време е да фатиме чекор со напредните држави. Време е за нови технологии и нов пристап. Време е за развој. Време е за Македонија за сите луѓе – рекоа од ВМРО-ДПМНЕ..
За легализација на криптовалутите се изјасни и Независната угостителска комора. Угостителите побараа законски да се овозможи регистрирање на македонска крипто менувачница и да се даде можност да се издава македонски крипто средства – коини односно крипто средства – токени за угостителската индустрија. Притоа да се постават и крипто АТМ апарати кај реномирани угостителски објекти низ повеќе градови.
Легализацијата на криптовалутите и тргувањето со нив беше најавено и од актуелниот министер за финансии Фатмир Бесими во ноември годинава.
– Користењето на виртуелните средства со вредност познати како „крипто валути“ ќе се уредува со закон. Во моментов Министерството за финансии заедно со Управата за финансиско разузнавање како и финансиските регулатори и супервизори работат на утврдување на сите аспекти што произлегуваат од овој нов феномен. Решенијата ќе бидат имплементирани во новиот Закон за спречување перење пари и финансирање тероризам – изјави тогаш Бесими.
Тој додаде дека законското регулирање на криптовалутите е од особена важно бидејќи доколку не се уредени со закон, не се утврди нивниот правен статус, целите за нивното користење, начинот на нивниот пренос и располагање и доколку немаме увид кој ги купува и продава, истите ќе бидат лесно злоупотребувани, а особено за целите на перењето пари и финансирањето на тероризмот.