АПЕЛАЦИЈА ОДЛУЧУВА ЗА ВАСЕВ Обвинителството бара ефективен притвор, а одбраната слобода

Обвинителството бара укинување на куќниот и определување ефективен притвор, со образложение дека само таква мерка ќе обезбеди присуство на обвинетиот и непречено водење на постапката. Од друга страна, одбраната на Васев инсистира дека тој треба да се брани од слобода.

599

Обвинителството бара ефективен притвор за поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев, додека неговата одбрана инсистира на слобода.

Во Апелациониот суд Скопје денеска се одржа јавна седница по жалбите на одбраната и обвинителството за мерката куќен притвор на Нино Васев, поранешен директор на Клиниката за онкологија, обвинет во предметот „Онкологија“.






Обвинителството бара укинување на куќниот и определување ефективен притвор, со образложение дека само таква мерка ќе обезбеди присуство на обвинетиот и непречено водење на постапката. Од друга страна, одбраната на Васев инсистира дека тој треба да се брани од слобода.

– Степенот на сомневање е висок, а се работи за сериозни кривични дела. Единствена соодветна мерка е ефективен притвор – истакна обвинителката Фатиме Фетаи.

Таа додаде дека има реална опасност Васев да се даде во бегство, имајќи ги предвид тежината на делата и висината на можната казна.

Наспроти тоа, Васев пред судот побара фер судење и рече дека досега соработувал со сите институции.

– Се појавив пред анкетната комисија, дадов искази во истрагата, не сум се обидел да избегам. Барам да се бранам од слобода – изјави Васев пред судот.

Неговиот адвокат, Никола Ставрев, истакна дека обвинетиот досега покажал коректно однесување и дека не постојат услови за ефективен притвор.

– Обвинителството го заснова барањето врз обем на докази што немаат вистинска тежина. Васев не е бегалец, туку пензионер, татко и досега неосудуван граѓанин кој свесно се соочува со постапката – рече Ставрев.

Во случајот „Онкологија“, Основното јавно обвинителство поднесе две обвиненија против двајца поранешни директори и четворица лекари онколози. Нино Васев е обвинет за „злоупотреба на службена положба“, „измама во службата“ и „проневера во службата“, со што, според обвинителството, државниот Буџет е оштетен за над 2,2 милијарди денари.

Апелациониот суд треба да одлучи дали ќе го уважи барањето на обвинителството за ефективен притвор или ќе му дозволи на Васев да се брани од слобода.

Поврзани содржини