📽️ ДВОЕН ВРТЛОГ ОД МОРЕТО БЕСНЕЕ НА СИЦИЛИЈА Торнадото фрли автомобил од патот, уништи куќа, оштети училиште
Две лица се тешко повредени во Петрозино, а големи штети се пријавени во Марсала и Мазара дел Вало. Торнадото превртувало автомобили и камиони, корнело далноводи и оштетувало згради. Шефот на цивилната заштита вели дека никој не памети невреме со таква сила.
Разорно торнадо ја погоди западна Сицилија, повредувајќи тешко две лица и предизвикувајќи голема материјална штета во неколку италијански градови. Невремето започнало како двоен вртлог над морето, во близина на пристаништето во Марсала, а потоа со огромна сила навлегло на копното, превртувајќи возила, оштетувајќи куќи и уривајќи далноводи.
Најтешките последици се забележани во Петрозино и Марсала, додека штети се пријавени и во Мазара дел Вало.
Две лица се сериозно повредени во близина на Петрозино, откако торнадото го зафатило автомобилот во кој се наоѓале и го исфрлило од патот.
Во Марсала, пак, силниот ветер превртувал автомобили и камиони, оштетувал станбени објекти и корнел далноводи. Според локалните медиуми, една куќа е целосно уништена.
Особено голема штета претрпело училиштето „Алчиде де Гаспери“, во населбата Теренове во Марсала.
На снимките објавени од италијанските медиуми се гледаат искршени прозорци и делумно урнат таван на училиштето.
Спасувачките екипи и службите за итни интервенции се на терен и работат на расчистување на урнатините и санирање на штетите.
Салваторе Кочина, шеф на Агенцијата за цивилна заштита на Сицилија, го опиша невремето како исклучително жестоко.
– Беше речиси како американско торнадо; никој не памети нешто со таков интензитет – изјави Кочина за Ројтерс.
❗️Danni diffusi a sud di Marsala (TP) a seguito del passaggio di un tornado questa mattina.
Danni diffusi e diversi feriti. Video di Panificio Maltese e Sebastiano Grasso. https://t.co/1bPedr2Jg3
— Italia 24H Live 🔴 – Notizie dall’Italia (@Italia24HLive) October 9, 2026
Тој потсети дека Цивилната заштита уште во септември предупредила на можноста од екстремни временски појави во текот на есента.
Според него, еден од факторите за ваквите невремиња е големото количество топлина што се акумулирало во морето по исклучително жешкото лето.
– Ова уште еднаш го истакнува проблемот со екстремните временски настани, кои станаа карактеристика на последните години поради климатската криза – додаде Кочина.
Претседателот на регионот Сицилија, Ренато Шифани, најави издвојување посебни средства за итни интервенции и помош во погодените подрачја.
Опасноста, меѓутоа, сè уште не е помината. Метеоролошкото предупредување останува на сила и за утре, бидејќи на Сицилија се очекуваат нови дождови и невреме.
Додека Сицилија се справува со последиците од торнадото, италијанското копно е погодено од друг екстремен бран кој предизвика апокалиптични поплави во Неапол и регионот Кампанија.
Поројните дождови ги претворија улиците во реки и ги принудија властите итно да ги затворат училиштата во 46 општини, додека пожарникарите спасуваат заглавени возачи од надојдените води.