ДВИЖЕЊЕТО ЗНАМ ВЕТУВА И РЕАЛЕН СОЖИВОТ, AMA И ПОВЕЌЕ ЗАТВОРИ Како Максим Димитриевски „лови“ гласови за претстојните избори
„Ние во Македонија имаме соживот помеѓу политичката елита. Реален соживот помеѓу нашите граѓани на дело немаме. Некој работи на дополнителна агенда на сегрегација и конфронтација на Македонија од прост тип во сложен тип“, категоричен е кумановскиот градоначалник и лидер на партијата во подем.
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија забрзано се подготвува за изборите. Се шири партиската инфраструктура, а лидерот Максим Димитриевски интензивно јавно настапува, од националните телевизии до поткастот на Стефан Лазаров.
Во партијата велат дека трудот се исплатува и дека бројот на приврзаниците и симпатизерите на ЗНАМ расте, не само во анкетите туку и на теренот. Така, на конститутивната изборна конференција на ЗНАМ во Струмица присуствувале повеќе од 1.000 членови, поддржувачи и граѓани.
Една од клучните теми за кои зборува Димитриевски во последните јавни настапи се меѓуетнички односи.
– Ние во Македонија имаме соживот помеѓу политичката елита. Реален соживот помеѓу нашите граѓани на дело немаме. Во мое Куманово младите Албанци и младите Македонци не се разбираат кога говорат. На плоштад говорат на англиски јазик, што е погубно. Каква интеграција ќе имаме ние? Тоа само дополнително ми потврдува дека некој работи на дополнителна агенда на сегрегација и конфронтација на Македонија од прост тип во сложен тип – изјави тој во еден телевизиски настап.
Во дербата со Изет Маџити, првакот на албанската опозиција, лидерот на ЗНМ го изрази разочарувањето што денес, како што рече, „ние Македонците во сопствената држава се наоѓаме во ситуација главните национални прашања да ни ги решаваат претставници во парламентот коишто доаѓаат од друга етничка заедница, во овој случај од албанскиот блок партии, дополнително со поддршка на лидершипот на СДСМ“.
– Доколку се работеше за вашиот албански јазик, или некој вас да ве негира како Албанци, јас како Македонец никогаш немаше да дозволам негација на вас, ниту ќе дозволев гласање на Уставот и ќе имавте поддршка во континуитет од мене. Дали ќе се однесувавте вие како што се однесувате денес во оваа ситуација – го праша тој Меџити.
Деновиве Димитривски ја прокоментира и новата техничка или пржинска влада, со премиер којшто доаѓа од албанската етничка заедница.
– Да крунисавме крал, ќе беше помалку спектакуларно. Тоа што се случи само демонстрира една супериорност на ДУИ која што е аздисана од власт и која по секој основ се обидува да ги фрустрира најголем дел од гласачите од македонската нација и во исто време да извлече некои ситни поени од албанскиот електорат – рече Димитриевски.
Се чини дека ваквата реторика му носи симпатии на лидерот на ЗНМ. Освен тоа, тој зборува и за идејата Македонија да стане самоодржлива држава во која суштински ќе се менуваат нештата. Тоа конкретно значи „Македонија да ги искористува своите природни капацитети, наместо да завршуваат во приватните џебови да завршуваат во буџетот на државата, а преку буџетот да се слеваат во граѓанските буџети“. Димитриевски ветува подигање на граѓанскиот стандард, на минималните плати и на пензиите, но најавува и кампања против криминалот.
– Првиот проект на идната влада предводена од ЗНАМ ќе биде дополнување на капацитетите на затворите и тоа на затворот во Скопје во Идризово, na затворот во Струмица и изградба на уште два нови затвора – едниот лоциран во Кичево, а другиот ќе се договориме со идните коалициони партнери. Откако ќе ги наполниме тие затвори, вториот проект ќе биде ќе ставиме табла со информација колку е јавниот долг на Македонија и колку пари се потрошиле до сега во Македонија и за што. Потоа ќе излеземе со сериозните партнери и ќе направиме стратешки план како ќе ја креваме земјата од пепел, бидејќи Македонија во моментот е спуштена на дното, а молкот е повеќе од срам – вели во едно интервју Димитриевски.