ДУРИ НИ ТРАМП НЕ БИ ПЛАТИЛ КАРТА ПО ТАА ЦЕНА Билетите за финалето Аргентина-Шпанија се недостижен сон

Финалето меѓу Шпанија и Аргентина ќе биде најскапото во историјата на Мундијалите, а навивачите покрај билетот ќе мора да издвојат илјадници евра и за патување и сместување.

384

Финалето на Светското фудбалско првенство 2026 меѓу Шпанија и Аргентина влезе во историјата не само поради големината на натпреварот, туку и по неверојатните цени на билетите.

На пазарот за препродажба најевтините билети чинат повеќе од 7.000 евра, додека најлуксузните места покрај теренот достигнуваат неверојатни 83.000 евра.






Според податоците од платформите за препродажба, просечната цена на билет за големото финале достигнала околу 9.900 евра, со што овој натпревар се смета за најскапото финале во историјата на Мундијалите, а според некои показатели и едно од најскапите спортски случувања воопшто.

Финалниот натпревар меѓу Шпанија и Аргентина ќе се одигра во недела на „МетЛајф стадиум“ во Њу Џерси. Официјалните билети преку интернет-страницата на ФИФА веќе не се достапни, но сè уште можат да се најдат преку специјализирани платформи за препродажба.

На американската платформа „StubHub“, најевтиниот билет во петокот се продавал за околу 7.125 евра, додека местата веднаш до теренот достигнувале цена од 83.639 евра.

Според анализата на платформата „TickPick“, која ја пренесе магазинот „Форбс“, просечната цена за билет за финалето на Мундијалот 2026 изнесува околу 9.900 евра.

Тоа е повеќе од просечните цени за некои од најголемите спортски настани во САД. За споредба, просечниот билет за финалето на Суперболот чинел околу 8.225 евра, додека билет за натпревар од финалната серија во НБА достигнувал просечно околу 5.513 евра.

Високите цени предизвикаа реакции и критики од навивачите, но и од дел од спортските функционери. Претседателот на Шпанската фудбалска федерација, Рафаел Лузан, ја критикуваше ценовната политика на ФИФА, оценувајќи дека ваквиот пристап го ограничува пристапот на обичните навивачи.

На темата се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп, кој изјави дека би сакал да присуствува на финалето, но дека не би платил толкава сума за билет.

– Секако дека би сакал да одам, но искрено, не би платил толку – изјави Трамп во интервју за „Њујорк пост“.

Причина за огромниот раст на цените е и новиот систем на ФИФА за динамичко формирање на цените, кој за првпат беше применет на Светско првенство. Сличен модел се користи кај големи музички концерти, каде цените се зголемуваат зависно од побарувачката.

За разлика од Мундијалот во Катар во 2022 година, кога најскапата категорија за финалето чинеше 1.600 долари, овојпат ФИФА не постави максимална граница на цените и не ја ограничи препродажбата.

За навивачите кои сакаат да бидат дел од спектаклот во Њу Џерси, билетот е само еден од трошоците.

Авионски билет од Мадрид до Њујорк чини најмалку околу 1.200 евра, додека сместувањето во хотелите започнува од приближно 600 евра за едно ноќевање. Дополнителен трошок се и транспортот до стадионот, храната и другите трошоци за престој.

Со сите овие издатоци, присуството на финалето меѓу Шпанија и Аргентина за голем број фудбалски фанови станува вистински луксуз.

Поврзани содржини