БЕЗДОМНИК ПРОНАЈДЕ ЖЕНСКО ТЕЛО ВО КУФЕР Полицијата во Атина трага по идентитетот на починатата

Форензичарите работат на идентификација на жената и утврдување кога и како настапила смртта, додека случајот го презеде одделот за борба против организиран криминал.

175

Вознемиреност се прошири во атинската населба Кипсели, откако во напуштена зграда бил пронајден сомнителен куфер во кој било откриено тело на жена во напредната фаза на распаѓање.

Случајот бил пријавен во денес попладне (18 јули) откако бездомник го забележал куферот во објект на улицата Евелпидон и веднаш ги известил надлежните служби.






По пристигнувањето на местото, припадниците на грчката полиција извршиле проверка и утврдиле дека во куферот се наоѓа човечко тело. Според првичните информации, станува збор за жена, која во моментот на пронаоѓањето носела шорц.

Полициското подрачје веднаш било обезбедено, а форензичките екипи започнале со собирање материјални докази. Се очекува да биде извршена обдукција, која треба да помогне во утврдувањето на идентитетот на жената, времето на смртта и точната причина за смртта.

Според изјави на жители од населбата, напуштената зграда до пред околу две години била отворена и често служела како засолниште за бездомници. По пожар кој избувнал во објектот, зградата била запечатена.

Еден од жителите за грчките медиуми изјавил дека во последните недели забележувал бездомник кој престојувал во близина на објектот, но дека во последните неколку дена повеќе не го видел.

Истрагата ја презеде Управата за борба против организиран криминал, а случајот останува отворен додека се утврдуваат сите околности околу смртта на жената.

Поврзани содржини