ДУИ И БЕСА МУ СПРЕМААТ СЕНДВИЧ НА СДСМ Ако Заев одбие кечап и мајонез во Тетово, нема да добие помфрит во Скопје?

Маката на Заев е сега дали неговата партија да ја поддржи Теута Арифи која доаѓа од ДУИ со која СДСМ коалицира веќе неколку години, а со тоа да го разгори незадоволството на Беса кое може да резултира и со излегување од владината коалиција, или, пак, да го поддржи Билал Касами и на тој начин да се збогува од поддршката на „интегративците“ во битката за Град Скопје.

6,446

Кандидатот за градоначалник на Општина Тетово од редовите на Беса, Билал Касами, и кандидатката за освојување нов градоначалнички мандат од редовите на ДУИ, Теута Арифи, го ставија во сендвич лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во пресрет на вториот круг од локалните избори.

Ниту ДУИ, ниту Беса, не можат да извојуваат победа во Тетово без поддршката од другите политички субјекти, но и покрај тоа што кандидатот на СДСМ, Хамдија Елезовиќ, забележа голем пораз уште во првиот изборен круг, сепак, партискиот лидер Заев тек допрва ќе ги почувствува главоболките, со оглед на тоа што и ДУИ и Беса се негови коалициски партнери во Владата.






Извор: ДИК / Тетово

Маката на Заев е сега дали неговата партија да ја поддржи Теута Арифи која доаѓа од ДУИ со која СДСМ коалицира веќе неколку години, а со тоа да го разгори незадоволството на Беса кое може да резултира и со излегување од владината коалиција, или, пак, да го поддржи Билал Касами и на тој начин да се збогува од поддршката на „интегративците“ во битката за Град Скопје.

Од Беса воопшто не кријат дека ја очекуваат поддршката од СДСМ, а како што велат оттаму, партијата на Зоран Заев ќе добие уште еден пратеник во Собранието доколку со негова помош Касами ја победи Арифи во Тетово.

Од партијата на Али Ахмети, пак, велат дека во Тетово имаат добар кандидат за градоначалник и дека очекуваат победа без ничија помош.

Засега, од СДСМ нема назнаки во кој правец би одела нивната одлука. Од партијата упатуваат на ставот на лидерот Заев соопштен на денеот на изборите дека граѓаните сами треба да одлучат за кого ќе гласаат ако нема договор помеѓу владините партнери.

И политичките аналитичари сметаат дека Заев најверојатно ќе го амортизира притисокот со неутрална порака до гласачите, но како што велат, постои можност за водење преговори помеѓу трите партии – СДСМ, ДУИ и Беса, преку кои ќе се изнајде компромисно решение.

Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски е убеден дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, директно нема да ги повика граѓаните да го поддржат кандидатот на ДУИ или кандидатот на Беса, туку најверојатно ќе го остави народот сам да донесе одлука по сопствено убедување.

– Ако Заев им рече на граѓаните да гласаат за кого сакаат, тогаш Билал Касами ќе се најде во подредена позиција, оти ќе ги загуби гласовите од ДПА. Но, единствената можност за Касами да стане градоначалник на Тетово е да постигне договор со Алијанса за Албанците и со ВМРО-ДПМНЕ. Бројот на гласови на советничките листи на ВМРО-ДПМНЕ покажува со колку гласови располага опозицијата во Тетово, плус оние гласови на Интегра – објаснува Божиновски.

Политикологот Џенур Исени во гостување за Алфа рече дека од изборниот резултат во Тетово ќе зависи дали ќе опстане Владата.

– Ако победи Касами во Тетово, тогаш ќе дојде во прашање опстанокот на Владата. Мислам дека ДУИ ќе се револтира и можно е во иднина да почне да се координира со ВМРО-ДПМНЕ, па заедно да одат на нови парламентарни избори. Најлошото сценарио за партијата на Али Ахмети е да доживее пораз во Тетово. Јас мислам дека Заев не е во позиција да го ризикува опстанокот на Владата и мислам дека ќе го поддржи кандидатот на ДУИ, односно Теута Арифи – вели Исени.

Во првиот круг во Тетово, Арифи победи со нешто повеќе од 600 гласови, што ветува битка во вториот круг до последниот глас. СДСМ освои нешто над 2.300 гласови, ДПА над 3.800, а најмногу меѓу тие што отпаднаа имаше кандидатот на Алијанса и Алтернатива, 6.165.

Засега прогрозите се дека лидерот на ДПА, Мендух Тачи, ќе ја поддржи ДУИ во вториот круг, па клучна останува одлуката на Зијадин Села и на Африм Гаши од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива. Но, засега нивните партии немаат единствен став. Од една страна, од Алијансата најавуваат дека е можно да го поддржат Касами, но од Алтернатива велат дека нема да го поддржат кандидадот на Беса.

Поврзани содржини