ДИСКУСИЈА ЗА ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА КОНФИСКАЦИЈА НА ИМОТ ВО ГРАЃАНСКА ПОСТАПКА Филков вели дека тоа е клучен чекор во борбата против криминалот и корупцијата

2

Предложеното законско решение претставува значаен чекор во зајакнувањето на владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата и заштитата на јавниот интерес, рече министерот за правда, Игор Филков на денешната стручна јавна расправа за Предлог-законот за конфискација на имот во граѓанска постапка. На расправата учествува претставници на правосудните институции, судии, јавни обвинители, државни правобранители, професори, експерти и претставници на меѓународната заедница.

Министерот потсети дека во март 2024 година беше донесен првиот Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка, со кој Република Македонија започна со воспоставување современ механизам за одземање имот за кој постои основано сомневање дека е стекнат од незаконски извори, независно од исходот на кривичната постапка.






– Низ анализата на постојните законски одредби и консултациите со стручната и со академската јавност, институциите и меѓународните партнери, беа утврдени потреби за попрецизно и појасно уредување на повеќе прашања, со цел создавање функционален и правно одржлив систем – истакна министерот Филков.

Тој нагласи дека новиот Предлог-закон предвидува прецизирање на условите за поведување на постапката, јасно дефинирање на надлежностите на институциите, воспоставување механизми за финансиска анализа и утврдување несразмерност помеѓу имотот и законските приходи, уредување на мерките за обезбедување на имотот, како и заштита на правата на засегнатите и совесните лица.

Законското решение се темели врз начелата на законитост, пропорционалност, непристрасност, доверливост, транспарентност и итност, при што неговата цел не е казнување, туку заштита на јавниот интерес и спречување располагање со незаконски стекнат имот.

Министерството за правда останува посветено на креирање законски решенија кои ќе овозможат ефикасна борба против незаконското богатење, корупцијата и организираниот криминал, како и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите и во правдата.

Поврзани содржини