„Зелениот Нобел“ оваа година отиде во рацете на Храбрите жени од Крушчица, а им честиташе и актерот Леонардо Дикаприо, кој претходно веќе пишуваше за борбата за спас на реките во Босна и Херцеговина. Тој сега се обратил и до Владата на Федерацијата БиХ и федералните парламентарци, наведува „Кликс.ба“.
– Им честитам на Храбрите жени од Крушчица и на г-ѓа Билал од Босна и Херцеговина за освојувањето на престижна награда за заштита на животната средина и неуморната борба за спасување на нивната река од малите хидроцентрали, истовремено соочувајќи се со вооружениот полициски напад, заплашување и закани – рекол актерот .
Тој рекол дека оваа победа на „Жените“ доаѓа во текот на глобалната активистичка кампања за забрана за изградба на нови мали хидроелетрани во БиХ, но дека тоа не е доволно за да се спасат 240 реки од бетонските цевки. Затоа тој им порача на Владата на Федерацијата БиХ и на федералните парламентарци да се активираат и да донесат закони кои се потребни за да се заштитат реките.
„Сега е клучно Парламентот на Федерацијата БиХ (ФБиХ) да го усвои Законот за електрична енергија кој е на чекање и трајно да забрани изградба на стотици планирани мали хидроенергетски проекти и да ги ревидира сите активни дозволи, од кои многу се издадени незаконски. Глобалната заедница за заштита го повикува Домот на народот на ФБиХ, на чело со Томислав Мартиновиќ, да преземе итни мерки, да го претстави предлог законот пред делегатите и да ги зачува скапоцените босански реки“, им порачал Дикаприо.
Да потсетиме, во октомври минатата година, по повод забраната за изградба на мали хидроцентрали во БиХ, се огласи и Дикаприо, кој јавно ги поддржа протестите што беа одржани низ целата земја.