Дали 12,5 милиони долари е сумата што ќе ја платиме за кинеските вакцини и имало ли уште една компанија поврзана со Starbi?

Вообичаената единечна цена на вакцините од „Синофарм“ е околу 30 долари. По која цена сакала да ги набави македонската влада, за што платила аванс, кој потоа е вратен?

4,871

До Редакцијата на Плусинфо е испратена фотографија од снимка на писмо со лого од Дојче Банка, за кое се тврди дека е во врска со зделката меѓу македонската влада и компанијата Starbi, за набавка на 200.000 вакцини од кинески „Синофарм“. Ова е таа фотографија:






Снимката не е квалитетна, но сепак може јасно да се прочита дека станува збор за допис со кој сениор менаџер на банката потврдува дека нејзиниот клиент Trans Border Gmbh, во својство на афилирана компанија на Starbi International Services Co Ltd, има намера да склучи договор за набавка на вакцини во вредност од 12,5 милиони долари.

Оваа сума е блиска на сумата за која деновиве се шпекулира како вредност на зделката со која Македонија треба да добие 200.000 кинески вакцини.

Како што е познато, по бурата што се крена во јавноста во врска со „фантомската компанија“ од Хонг Конг, каналот преку кој владата на Зоран Заев се обидела, но не успеала да ја заврши зделката со „Синофарм“, се појавија и обвинувања дека станува збор за корупциска зделка. Министерот за здравство Венко Филипче енергично ги отфрли тие обвинувања, повикувајќи се на вратениот аванс.

Во врска со спорната фотографија, на министерот Филипче утрово (сабота, 13 март) му поставивме три прашања: дали вредноста на зделката е 12,5 милиони долари, дали станува збор за 200.000 или за 400.000 вакцини и која е компанијата Trans Border Gmbh. Министерот ни одговори дека прв пат слуша за оваа нова компанија, но поради доверливоста на документите за набавката на вакцини, не може да коментира детаљи.

Вредноста на зделката и бројот на дозите се клучни детаљи за да се потврдат или да се отфрлат сомневањата дека во зделката биле испланирани провизии, како што тврди опозицијата.

Имено, вообичаената единечна цена на вакцините од „Синофарм“ е околу 30 долари. Перу, на пример, како поголем купувач, ги набавил вакцините по 26 долари.

Нејасно е, сепак, дали под една вакцина се подразбираат две дози, или една доза чини 30 долари. Ако двете дози, кои вообичено му се даваат на секој пациент, заедно чинат околу 30 долари, 200.000 вакцини би чинеле некаде околу 6 милиони евра. Но, во случај секоја доза да чини по 30 долари, тоа би значело дека вкупната сума би била околу 12 милиони долари.

До недоразбирањето дојде откако беше најавено дека станува збор за 200.000 кинески вакцини, а потоа, по избивањето на скандалот, се прошири објаснување дека треба да се смета на 400.000 дози.

Со оглед на фактот дека темата побуди широк јавен интерес, а станува збор за зделка за која ќе бидат потрошени народни пари од буџетот, очекуваме владата официјално и транспарентно да соопшти за колкава вкупна сума станува збор и за која договорена единечна цена по вакцина бил исплатен авансот што потоа бил вратен.

Поврзани содржини