ЧЕТВОРИЦА ЗАГИНАТИ, ПЕТМИНА ИСЧЕЗНАТИ ВО СИЦИЛИЈА Педесет луѓе мора да ги напуштат домовите

Набргу по експлозијата, градоначалникот на Равануса, Кармело Д’Анџело, преку Фејсбук ги повика на помош „сите достапни луѓе кои имаат лопати и булдожери“.

470

Четири лица загинаа, а пет се водат за исчезнати по експлозијата што предизвика уривање на четирикатница на Сицилија, соопштија италијанските власти денеска.

Две жени се пронајдени живи под урнатините во Равануса на југот на земјата, откако зградата се урна синоќа, а спасувачите со кучиња трагачи сѐ уште трагаат по преживеани на местото на несреќата.






Локалната единица за цивилна заштита на својот Твитер профил потврди дека досега загинале четири лица.

На телевизиските снимки се гледа куп урнатини и дрвени греди на местото на зградата, околу која се наоѓаат оштетени згради.

Експлозијата најверојатно била предизвикана од истекување гас, соопштија властите и веднаш отворија истрага.

– Гасот веројатно нашол шуплина каде што се акумулирал. Насобраниот гас веројатно бил активиран од случајно активирање: автомобил, лифт, електричен апарат – изјави Џузепе Мерендино, командант на пожарникарите во провинцијата Агриџенто, за телевизиската станица Rainews24.

Набргу по експлозијата, градоначалникот на Равануса, Кармело Д’Анџело, преку Фејсбук ги повика на помош „сите достапни луѓе кои имаат лопати и булдожери“.

– Се случи катастрофа – додаде тој.

Педесет луѓе мораа да ги напуштат становите, изјави Д’Анџело за Rainews24, бидејќи во експлозијата се оштетени и соседните згради.

Поврзани содржини