ЧЕТВОРИЦА ОД ЕВРОПСКИОТ ФРОНТ ЌЕ ПРЕМИНАТ ВО ВРЕДИ Коалицијата нема да остане со 9 пратеници, тврди Меџити

Првиот вицепремиер Изет Меџити вели дека политичките случувања во земјава се на почетокот и дека промените во парламентарниот состав многу брзо ќе станат видливи.

1,035

Во партијата се води силна дебата, мнозинството од структурите не се согласуваат со одлуката на Арбен Таравари да ја напушти Владата и повторно да им се приближи на ДУИ и на Европскиот фронт, рече вечерва првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити.

Тој ја оцени како необјаснива и нетранспарентна одлуката на Таравари, алудирајќи дека можеби е донесена под притисок или уцена и дека не го претставува вистинскиот став на членството на Алијансата за Албанците.






– Во рамки на Алијансата на Таравари има жестока дебата. Огромно мнозинство не се согласува со својот лидер да се вратат во канџите на ДУИ и на Европскиот фронт, туку ќе останат во Владата – рече Меџити во интервју за Алсат.

За вицепремиерот задолжен за добро владеење Арбен Фетаи рече дека ѝ е потребен на Владата. Изрази надеж дека ќе остане на својата функција затоа што „покажа транспарентност и капацитет за да управува соодветно“.

Меџити најави промени во Собранието, односно дека четворица пратеници од Европскиот фронт ќе ѝ се приклучат на Владата. Изјави и дека политичките случувања во земјава се дури на почетокот, како и дека промените во парламентарниот состав многу брзо ќе станат видливи.

– Коалицијата Вреди нема да остане само со 9 пратеници, четворица пратеници од Европскиот фронт се на прагот да го напуштат тој блок и да се приклучат на владејачкото мнозинство. Движењата почнаа. Вреди нема да биде со 9 пратеници. Точно е дека 4 пратеници ќе го напуштат Фронтот и ќе ѝ се приклучат на Владата – потенцира Меџити.

Според него, позициите на Вреди во Владата се загарантирани и не зависат од бројот на пратениците.

– Застапеноста на Албанците во Владата не е условена со бројот на пратеници, туку со политичкиот договор што го има склучено коалицијата Вреди. Сите позиции што ѝ припаѓаат на Вреди во владеењето ќе останат таму, без разлика на можните промени во парламентарниот состав. Она што е на Вреди, ќе остане на Вреди. Кога ја формиравме Владата, не се водевме од бројките, туку од уделот на Албанците – рече Меџити.

Поврзани содржини