БУГАРИЈА ЈА ЗАСИЛИ ЗАШТИТАТА ПО ИНФОРМАЦИИТЕ ДЕКА ИРАН МОЖЕ ДА ЈА НАПАДНЕ БАЗАТА БЕЗМЕР Партијата на Борисов бара МНР да го викне иранскиот амбасадор за појаснување
Бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев изјави дека во координација со Министерството за одбрана се преземени „сите можни мерки“ за заштита на базата каде се стационрани американски авиони.
Бугарија ги засили безбедносните мерки во воздухопловната база Безмер по извештаите дека Иран разгледува можни напади врз американски воени цели во Југоисточна Европа, вклучително и оние во Бугарија.
Бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев изјави дека во координација со Министерството за одбрана се преземени „сите можни мерки“ за заштита на базата.
– Постојано ја следиме ситуацијата и развојот на настаните и ќе продолжиме да преземаме превентивни мерки кои се значително пообемни и поинтензивни од нивото на закана што го покажуваат информациите што ги имаме моментално – рече Демерџиев.
Реакцијата на бугарските власти дојде откако „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на два извори блиски до иранскиот режим, објави дека иранските сили ја проценуваат можноста за напад врз американски воени објекти во Југоисточна Европа доколку американскиот претседател Доналд Трамп дополнително го ескалира конфликтот со Иран.
Меѓу потенцијалните цели е Бугарија, која минатиот месец одобри користење на базата Безмер од страна на американски авиони за полнење гориво. Кипар е исто така споменат како можна цел во извештајот.
На 22 јули, бугарскиот парламент одобри распоредување на до 8 американски авиони за полнење гориво KC-135 и до 250 американски војници во воздухопловната база Безмер.
Распоредувањето трае од 24 јули до 1 октомври, а целта е поддршка на американските операции на Блискиот Исток. Одлуката е донесена по барање од Американската амбасада во Софија.
Бугарскиот премиер Румен Радев претходно нагласи дека авионите се наменети исклучиво за логистичка поддршка и за полнење гориво во воздух надвор од бугарскиот воздушен простор и дека борбените операции на Блискиот Исток нема да се спроведуваат од бугарска територија.
Партијата на Бојко Борисов, ГЕРБ, денеска објави дека информацијата на „Фајненшл тајмс“ дека Иран ја проценува можноста за напад врз американски воени објекти на бугарска територија е сериозен сигнал.
„Тоа не докажува непосреден напад, но бара итна и јасна реакција од бугарската влада и го разбива удобниот спокој дека нема директна закана за Бугарија. Сложената географска положба на нашата земја отсекогаш барала разумна, активна и предвидлива политика за заштита на националниот интерес. Во услови на тешки вооружени конфликти, безбедноста не се гарантира со слогани, туку со активна дипломатија, сигурни сојузи, добра разузнавачка проценка и реална подготвеност на институциите“, објави партијата ГЕРБ.
Кога беше претседател, Румен Радев предупреди на директна закана за Бугарија, а кога стана премиер, истиот ризик почна да се претставува како прашање на „логистика“, додава ГЕРБ.
„Националната безбедност не може да се преувеличува пред изборите и да се омаловажува по нив. Уште откако кабинетот побара од Народното собрание дозвола за распоредување авиони-танкери во врска со конфликтот на Блискиот Исток, ГЕРБ инсистираше на целосна проценка на ризикот и гаранции за безбедноста на граѓаните, војниците и воените објекти. Денес, општеството има право да знае дали оваа проценка била соодветна и дали е ажурирана. Инститираме владата да го информира Народното собрание за вистинското ниво на закана, кога бугарските служби добиле информации за можни ирански сценарија и какви конкретни мерки се преземени. Проценката треба да опфаќа не само ракети и беспилотни летала, туку и терористички и прокси дејствија, кибернапади и саботажи. Владата треба да каже и какви гаранции и одбранбени капацитети се обезбедени во координација со САД и НАТО, како и да потврди дека користењето на бугарската територија останува исклучиво во рамките на мандатот одобрен од Народното собрание“, додава ГЕРБ.
Партијата бара Министерството за надворешни работи да го повика иранскиот амбасадор и да побара официјално објаснување од Техеран дали разгледува можни цели во Бугарија.
Безбедносните тензии доаѓаат откако разговорите меѓу САД и Иран се во застој по меморандумот за разбирање потпишан во јуни, кој требаше да го отвори патот за крај на војната и за поширок договор.
Во исто време, разговорите меѓу Иран и Оман за режимот на пловидба во Ормускиот Теснец се во тек, но засега без конечен договор.