СДСМ ПАК СЕ ОБИДУВА ДА СОБЕРЕ ПОЕНИ ОД ЗДРАВСТВЕНА ТЕМА Ѓорѓиевски поентира дека 13 пати е прскано против комарците во Скопје
Јавното здравје не се штити со прес-конференции, создавање страв и со политички сензации, туку со системска работа, континуирана превенција и навремени активности на терен и затоа, наместо натпревар кој ќе произведе поголема паника, очекувам од сите политички субјекти минимум одговорност кога зборуваат за здравјето на луѓето, реагира градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски реагираше на прес-конференцијата на СДСМ, на која беше критикуван дека задоцнил со прскањето против комарците. Ѓорѓиевски вели дека има повторен обид сериозна здравствена тема да се претвори во дневнополитичка пресметка и оти фактите го говорат спротивното.
„Јавното здравје не е тема за политичка паника – фактите се јасни. Вообичаено не реагирам на секоја прес-конференција на опозицијата. Но, очигледно дека новата хистерија на СДСМ, по таа со скопската вода, е оваа за комарците. Без проблем, јас и за ова сум спремен да дебатирам. Само пред неколку дена видовме што значи неодговорно пласирање информации кога се создаде непотребен страв околу безбедноста на водата во Скопје. Денес повторно гледаме обид една сериозна здравствена тема да се претвори во дневнополитичка пресметка“ објави Ѓорѓиевски на Фексбук.
Тој потсетува дека западно-нилската треска не е нов вирус и не е проблем кој постои само во Скопје или во Македонија, како и дека според извештајот на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, локално стекнати случаи се регистрирани во повеќе европски земји, додека во нашето непосредно соседство случаи има во Грција, Србија и во Косово.
„Светската здравствена организација јасно посочува дека западно-нилскиот вирус одамна циркулира во Европа. Затоа, на граѓаните им должиме информации и превенција, а не политичка хистерија. А кога веќе СДСМ отвора тема за тоа кој, кога и колку прскал против комарци, добро е да ја освежиме меморијата со датумите. Во 2018 година, кога со Град Скопје раководеше тогашната власт на СДСМ, првата терестрична дезинсекција против комарци започнала дури на 3 јули и траела до 7 јули, додека првото авионско прскање било организирано на 7 и 8 јули. Практично, првите сериозни активности започнале длабоко во летната сезона. Во 2026 година, пак, активностите започнаа уште на 7 мај“, вели Ѓорѓиевски.
Натаму тој ги наведува датумите кога е прскано: дезинсекција против ларви е вршена 7 пати и тоа авионска дезинсекција на 7 мај, 11 јуни, 10 јули, како и прслање од земја на 26 јуни, 23 јули, 11 август и на 18 август. Дезинсекцијата против возрасни комарци е извршена 6 пати и тоа авионска на 1 и 2 јуни, на 27 и 28 јуни и на 30 и 31 јули, а теренска на 18 и 20 јуни, 13 и 15 јули и на 4 и 6 август.
Дополнително, додава тој, веќе се закажани дезинсекции за четврток и петок авионски, а од недела до среда теренски.
Ѓорѓиевски посочува дека сите активности се спроведуваат согласно годишната програма, законските обврски и елаборатот на Центарот за јавно здравје – Скопје, како и препораките од Министерството за здравство и европската регулатива.
„Тоа се фактите. Јавното здравје не се штити со прес-конференции. Не се штити со создавање страв. Не се штити со политички сензации. Се штити со системска работа, континуирана превенција, стручни препораки и навремени активности на терен. Затоа, наместо натпревар во тоа кој ќе произведе поголема паника, очекувам од сите политички субјекти минимум одговорност кога зборуваат за здравјето на луѓето. И навистина ме зачудува недостатокот на образ кај луѓе кои под неразјаснети околности се нашле во политиката“, истакнува Ѓорѓиевски.
Додаде дека Град Скопје ќе продолжи со третманите согласно стручните препораки и утврдената динамика, а јавноста ќе биде навремено информирана за секоја наредна активност.
„А СДСМ најверојатно ќе продолжи од секоја трагедија да се обидува да собере ситни поени бидејќи на друг начин не можат да бидат актуелни. Здравјето на скопјани е премногу сериозна работа за да биде средство за дневнополитички поени. А за Филипче воопшто да не се грижите, јахтата на Заев најверојатно е побрза од комарците и тој е безбеден“, додава Ѓорѓиевски во објавата.