🎥 БРОЈОТ НА ЗАГИНАТИ ВО СИЛНИОТ ЗЕМЈОТРЕС НА ФИЛИПИНИТЕ СЕ ИСКАЧИ НА 37 Речиси 500 се повредени, 4 се водат како исчезнати
Регистрирани се 1.100 последователни потреси од главниот земјотрес, од кои најсилниот бил со јачина од 6,7 степени. Наставата е откажана во повеќе од 6.200 училишта, додека траат безбедносни проверки на школските објекти.
Бројот жртви во земјотресот со јачина од 7,8 степени што синоќа ги потресе јужните делови на Филипините се искачи на 37 лица, речиси 500 се повредени, а најмалку четворица се водат како исчезнати.
Според податоците на Националната агенција за елементарни непогоди, 18 лица загинале во јужната провинција Сарангани, 12 жртви има во градот Џенерал Сантос што беше најсилно погоден од потресот, тројца загинати има во провинцијата Јужен Котабато и четворица во регионот Давао.
Заменик-администраторот на Службата за цивилна заштита, Бернардо Рафаелито Алехандро, изјави дека во земјотресот се повредени 487 лица, како и дека потресот предизвикал свлечишта, уривање на инфраструктура и оштетување на патишта и мостови.
Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија соопшти дека се регистрирани 1.100 последователни потреси од главниот земјотрес, од кои најсилниот бил со јачина од 6,7 степени.
Земјотресот ги потресе Филипините на првиот училишен ден во годината, а со непогодата се засегнати повеќе од 3,2 милиони ученици.
Наставата е откажана во над 6.200 училишта, додека траат безбедносни проверки на школските објекти.
Меѓународниот аеродром во Џенерал Сантос, важен транспортен центар во регионот Минданао, исто така е оштетен од земјотресот и е затворен за сообраќај.
Министерот за транспорт, Џовани Лопез, изјави дека контролната кула и патничките терминали се оштетени, но пистата е функционална, додавајќи дека наскоро ќе бидат дозволени воени, хуманитарни и службени слетувања и полетувања, со уверување дека од наредната седмица делумно ќе бидат обновени и комерцијалните летови.