БОМБИТЕ НА САД И НА ИЗРАЕЛ НЕ БИЛЕ ЗА ЏАБЕ Иран открива дека направена е голема штета на нуклеарната програма
Министерот Арагчи исто така соопшти дека Иран засега нема намера да продолжи со дипломатските разговори со САД. Иако шестата рунда преговори беше веќе договорена, таа била откажана веднаш по започнувањето на израелските напади.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи официјално призна дека неодамнешните напади извршени од страна на САД и Израел предизвикале „значајна и сериозна“ штета на иранските нуклеарни постројки. Изјавата, дадена за државната телевизија, претставува редок момент на транспарентност и директно влегува во судир со тврдењата на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи.
Арагчи рече дека Организацијата за атомска енергија на Иран моментално го проценува обемот на уништувањето и дека анализата сè уште е во тек. Тој нагласи дека институциите работат на стабилизирање на ситуацијата, но не ја негираше сериозноста на последиците.
Само неколку часа претходно, Хамнеи тврдеше дека нападите не ја попречиле нуклеарната програма на Иран. Во директен одговор на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој тврдеше дека три ирански нуклеарни постројки биле „целосно уништени“, Хамнеи изјави: „Тие не постигнаа ништо значајно“.
Врховниот лидер, кој се крие од почетокот на војната со Израел на 13 јуни, ги обвини САД и Израел за претерување и дезинформации.
Но, изјавите на Арагчи создаваат сосема поинаква слика, слика на реална и сериозна штета што сега го притиска Техеран да направи пресврт во својата надворешна политика.
Министерот исто така соопшти дека Иран засега нема намера да продолжи со дипломатските разговори со САД. Иако шестата рунда преговори беше веќе договорена, таа била откажана веднаш по започнувањето на израелските напади.
– Сакам да разјаснам дека не е постигнат никаков договор, не е договорено никакво решение и не е водена никаква дискусија за започнување нови преговори – истакна Арагчи, додавајќи дека иранската влада во моментов разгледува кои чекори се во „најдобар интерес на иранскиот народ“.
Тој најави дека Техеран ќе „преобликува“ дел од својот дипломатски пристап, без да даде детали што точно ќе значи тоа.