„БАБА НАДЕ“ НЕ Е „БАБА НАДЕ“ КАКВА ШТО МИСЛИТЕ! МВР вели дека немало забошотување сообраќајка, туку погрешно сфатена комуникација

Скопјанка обвини јавно дека полицајци забошотиле сообраќајка во која бил повреден нејзиниот син, но МВР ги отфрла обвинувањата и тврди дека случајот е уредно пријавен и против сторителката ќе биде поднесена пријава. Недоразбирањето го ообјаснува со претходна сообраќајка во која била вклучена истата „Баба Наде“.

0

Мајка од Скопје обвини полициски службеници дека прикриле сообраќајна незгода во која нејзиниот малолетен син бил удрен од автомобил на пешачки премин во населбата Тафталиџе, тврдејќи дека возачката се обидела да го спречи случајот да биде пријавен, а потоа и дека преку познанство со полицаец влијаела врз постапувањето на полицијата. Министерството за внатрешни работи, по извршените проверки, ги отфрла наводите за неправилности и соопштува дека полициските службеници извршиле увид, го известиле надлежниот јавен обвинител и дека против возачката ќе биде поднесена соодветна пријава.

Обвинувањата ги објави Мартина Мартиновска на својот профил на Фејсбук, опишувајќи го настанот во кој бил повреден нејзиниот син Олег, средношколец во училиштето „Ѓорѓи Димитров“.






„Мартин сине, зарем не се сеќаваш на баба Наде?“

Според нејзиното сведоштво, момчето било удрено од автомобил на пешачки премин, на оддалеченост од околу 50 до 100 метри од училиштето, додека со уште пет деца ја поминувало улицата. Таа тврди дека возачката првично не застанала, по што децата тргнале по автомобилот, а жената се вратила наназад.

Мартиновска наведува дека, наместо да му помогне на повреденото момче, возачката му понудила 300 евра за да не го пријавува случајот во полиција.

По настанот, според нејзината објава, полицијата дошла на местото, но службениците од Полициската станица Карпош биле ангажирани само за обезбедување и не ги евидентирале децата кои биле сведоци на незгодата. Нејзиниот друг син го однел повреденото момче во Ургентниот центар, а неколку часа подоцна полицајци дошле таму за да земат изјави.

Најсериозниот дел од обвинувањата се однесува на наводното влијание врз полициските службеници. Мартиновска тврди дека еден од полицајците телефонски ја известил возачката дека доаѓаат кај неа за да земат изјава, по што таа му се обратила со зборовите: „Мартин сине, зарем не се сеќаваш на баба Наде?“. Според мајката, полицаецот одговорил дека ќе се среди работата.

Таа обвини дека полицијата не го известила дежурниот јавен обвинител за незгодата и дека не било евидентирано ниту наводното неукажување помош од страна на возачката. Побара случајот да биде испитан и да се утврди дали некој од полициските службеници постапувал спротивно на службените должности.

МВР: Полицајците го известиле обвинителството, возачката останала на местото

По објавените обвинувања, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР презел проверки, при што биле извршени разговори со полициските службеници кои постапувале по настанот, како и со учесниците во сообраќајната незгода.

Според резултатите од проверките, полициските службеници од Одделението за увиди на сообраќајни незгоди при СВР Скопје излегле на местото на настанот по пријавата, ги презеле потребните службени дејствија и веднаш по извршениот увид го известиле надлежниот јавен обвинител.

Од МВР наведуваат дека за случајот било изготвено писмено известување, кое било доставено до Основното јавно обвинителство Скопје.

Во однос на сомнежите дека возачката имала познанство со полициските службеници и влијаела врз нивното постапување, од МВР објаснуваат дека истата личност Н.Т, на 3 ноември 2026 година била учесник и во друга сообраќајна незгода, но тогаш во својство на оштетена. И во тој случај увидот го вршеле истите полициски службеници.

Според Одделот за внатрешна контрола, возачката ги препознала полицајците од претходниот случај, што можело да создаде впечаток дека се познава со нив и дека има влијание врз нивното постапување.

МВР соопштува и дека биле анализирани видеозаписи од безбедносните камери на Министерството, поставени на подрачјето на Скопје, како и снимки од камери на правно лице.

Од анализата, како што наведуваат, било утврдено дека возачката не го напуштила местото на сообраќајната незгода до пристигнувањето на полициските службеници. По ударот, автомобилот бил поместен од пешачкиот премин во десната сообраќајна лента на улицата „Париска“, а возачката останала на местото до завршувањето на увидот.

Одделот за внатрешна контрола најавува дека, по комплетирањето на документацијата за настанот, Одделението за увиди на сообраќајни незгоди при СВР Скопје ќе достави соодветна пријава против Н.Т. до надлежното јавно обвинителство.

Поврзани содржини