📷 АНТАЛИЈА Е ПОДГОТВЕНА ЗА НЕЗАБОРАВЕН ОДМОР Војната на Блискиот Исток не ги одвраќа туристите од Турција
И покрај тензиите на Блискиот Исток, туристите во Анталија велат дека се чувствуваат безбедно. Репортажа од луксузните ресорти во Белек, Сиде и Кемер.
Во луксузните ресорти во Белек, Кемер, Лара и Сиде атмосферата е мирна, хотелите се речиси полни, а гостите уживаат во „all inclusive“ одморот, и покрај тензиите на Блискиот Исток.
Додека светските медиуми секојдневно известуваат за тензиите на Блискиот Исток по конфликтот меѓу САД, Израел и Иран, во туристичките центри на турската ривиера животот тече сосема нормално. Во луксузните хотели во Белек, Кемер и Сиде туристите безгрижно уживаат на плажите, покрај базените, на голф терените и во богатите „all inclusive“ содржини.

Во рамки на инфо-турата организирана од туристичката агенција Фибула, група составена од новинари, инфлуенсери, ТВ-лица, пејачи и креатори на содржини од Македонија посети некои од најлуксузните ресорти во регионот на Анталија, меѓу кои „Cornelia Diamond Golf Resort & Spa“, „Papillon Zeugma Relaxury“ и „Siam Elegance Hotels & Spa“.
Голф терени, плажа и забавни содржини
Иако темата за безбедноста неизбежно се отвора меѓу туристите, впечатокот на повеќето гости е дека Анталија и понатаму останува мирна и сигурна дестинација.

– Искрено, пред патувањето разговаравме за ситуацијата во регионот, но кога пристигнавме овде сфативме дека атмосферата е сосема нормална. Хотелите се полни, луѓето се релаксирани, а услугата е на врвно ниво – вели Џорџ Еванс од Манчестер, кој престојува во „Cornelia Diamond“ поради меѓународен голф турнир.
Во истиот хотел можеа да се забележат гости од Англија, Холандија, Германија, САД и скандинавските земји, кои најголем дел од денот го минуваат на голф терените или во спа-центрите.
– Во Европа понекогаш се создава поголема паника отколку што реално постои. Ние сме овде со пријатели, уживаме во одморот и не чувствуваме никаква несигурност – вели холандска туристка која престојува во Белек.
Американски турист, кој допатувал со група пријатели за спортски одмор, вели дека безбедноста не била причина да се откаже од патувањето.

– Да не се чувствувавме сигурно, немаше ни да дојдеме. Турција има силна туристичка организација, а овде буквално сè функционира беспрекорно – вели Ричард Џејмс.
Турските хотелиери уверуваат дека сезоната засега се одвива без проблеми и дека нема значителни откажувања на аранжманите. Во ресортите владее препознатливата турска гостопримливост – насмеан персонал, богати шведски маси, ориентални десерти, свежа медитеранска кујна, турско кафе и вечерни забавни програми.
Гости што се враќаат секоја година
Во „Papillon Zeugma“, покрај луксузниот амбиент, гостите уживаат во вечерни шоуа, тематски забави и активности за семејства, додека во „Siam Elegance“ акцентот е ставен на релаксиран одмор покрај море, „wellness“ третмани и дневни активности за посетителите.

Еден од менаџерите во хотелот „Siam Elegance Hotel“ во Белек, Ѓок Турк, вели дека на почетокот од годината очекувале пад на бројот на туристи поради воените конфликти во Газа и во Сирија, но реалноста била сосема поинаква.
Тој објаснува дека стравувањата не се оствариле, а хотелот оваа сезона бележи интерес и од нови пазари.
– Драго ми е што се излажавме. Освен нашите редовни гости кои секоја година се враќаат, годинава добивме нови посетители од Македонија, Босна и Херцеговина, Русија, Германија, Холандија, Србија и други земји. Местата каде што има конфликти се далеку од тука. Тука кај нас нема никаква опасност, а безбедноста е дополнително засилена – вели Турк.

Турк истакнува дека хотелот нуди стандардна ултра „all-inclusive“ услуга, но и посебна атмосфера што го издвојува од останатите објекти.
Дел од инфо-групата учествуваше и во низа необични активности – од работилници за суши и турско кафе, до „fly yoga“ часови и уметнички работилници. За многумина токму ваквите искуства се доказ дека модерната Анталија одамна не е само класична летна дестинација.
– Мислев дека ќе биде само хотелски одмор, но Анталија нуди многу повеќе, авантури, гастрономија, спорт, „wellness“ и забава. Буквално секој хотел има своја приказна – вели една македонска инфлуенсерка од групата.
Турција е безбедна дестинација и покрај регионалните тензии
Турските власти во последните недели порачуваат дека Турција останува безбедна и стабилна дестинација за туристите, и покрај влијанието на војната на Блискиот Исток врз глобалниот туризам.
Според официјалните изјави од Анкара, геополитичките случувања во регионот не ја загрозуваат безбедноста на туристичките центри како Анталија, Бодрум и Мармарис, кои и натаму функционираат нормално.
Министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој во април 2026 година призна дека конфликтите предизвикале откажувања на дел од резервациите, но нагласи дека станува збор за „психолошка несигурност“, а не реален безбедносен ризик.
– Турското крајбрежје е мирно и безбедно, а очекуваме стабилизација и раст на резервациите во наредниот период – порача Ерсој.

И претседателот Реџеп Таип Ердоган истакна дека Турција останува стабилен регионален центар и безбедна база за туризам, трговија и транспорт, далеку од конфликтните зони.
Од Министерството за надворешни работи, предводено од Хакан Фидан, велат дека безбедносните мерки се насочени кон заштита на границите, додека туристичките региони не се во ризична зона.
Властите додаваат дека воздушните рути кон западниот дел од земјата функционираат нормално, без прелетување над конфликтните области, а чартер летовите од Европа, вклучително и од регионот, се одвиваат без прекини.