АКО НЕ ИЗГРАДИМЕ СВОИ ДАТА-ЦЕНТРИ, ЌЕ ЗАВИСИМЕ ОД ТУЃИ Македонија има шанса да привлече големи инвестиции
Пратеникот смета дека дата-центрите може да привлечат странски капитал и цел екосистем од ИТ, енергетски и други компании, а Македонија да ја подготват за забрзаниот развој на вештачката интелигенција.
„Македонија не смее да ја пропушти новата индустриска револуција! Како инженер по информатика, а денес и како пратеник, на дата-центрите гледам како на критична инфраструктура за иднината на Македонија. Прашањето не е дали светот ќе користи дата-центри. Ќе користи! Прашањето е: дали Македонија ќе биде дел од таа инфраструктура или ќе им плаќа на други држави за нивните услуги?“.
Вака се посочува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од фејсбук-објавата на Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ. Во прилог целата објава:
„Европскиот пазар на дата-центри е огромен и расте со развојот на облак-технологиите, ВИ и дигиталните услуги.
Затоа Македонија треба да гради и да привлекува дата-центри. Тие се инфраструктурата на иднината.
Облак-технологиите, ВИ, дигиталните услуги и кибербезбедноста зависат од физичка инфраструктура. Ако немаме сопствена сериозна дата-инфраструктура, ќе бидеме корисници на туѓа.
Затоа е важно што државата го поставува националниот дата-центар како основа за government cloud, поголема кибер безбедност и развој на ВИ.
Македонија може да стане регионален дигитален хаб.
Имаме поволна геостратешка положба, оптичка поврзаност и пристап до европската електроенергетска мрежа преку ENTSO-E. Тоа се сериозни предуслови за привлекување на вакви инвестиции.
А дата-центарот не е само зграда со сервери. Околу него се создава цел екосистем: ИТ-инженери, облак-инженери, cyber-security експерти, систем-администратори, електроинженери, телекомуникациски компании, градежни компании, компании за електромонтажни работи, ладење, одржување, логистика, физичко обезбедување и консалтинг.
Дата-центрите може да донесат сериозен странски капитал. Тие се капитално интензивни инвестиции. А кога една земја ќе стане погодна локација за ваква инфраструктура, таа станува поатрактивна и за други компании, кои зависат од неа.
Тоа значи инвестиции, нови услуги, нови знаења и диверзификација на економијата.
А можеби најважното, Македонија мора да биде подготвена за ВИ. Дата-центрите се едни од клучните инфраструктури за следните 10 години.
ВИ бара огромна процесорска моќ, податоци и инфраструктура за нивна обработка.
Ако сакаме Македонија да има сериозна ВИ-индустрија, стартапи, истражување и напредни дигитални услуги, мора да имаме и каде физички да се извршуваат тие процеси.
И, да, дата-центрите трошат многу енергија. Токму затоа треба да ги искористиме како катализатор за нова енергетска инфраструктура.
PPAs со обновлива енергија, батериски системи за складирање и паметно управување со потрошувачката може да поттикнат нови инвестиции во обновливи извори и модернизација на електроенергетската мрежа.
Затоа мојот став е јасен:
Не треба да бидеме против дата-центрите. Треба само да бидат добро планирани и во рамките на сите утврдени стандарди.
Со јасни правила за енергија, вода, инфраструктура, кибербезбедност и економска корист за државата, дата-центрите може да ја направат Македонија посилна економски, енергетски и дигитално.
Не смееме да ја пропуштиме новата индустриска револуција. Македонија мора да биде дел од неа.
На крајот, ќе бидам директен: оние што се против дата-центри во Македонија, се против развојот на Македонија“, вели Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.