ФОРМИРАН КЛУБОТ НА ЖЕНИ НА ЗНАМ, ЕДНОГЛАСНО ИЗБРАНА ПРЕТСЕДАТЕЛКА „Преземаме одговорност за да направиме промена“
Новоизбраната претседателкана Клубот, професорката Александра Јелиќ, најави активно учество на жените во креирањето на политиките. Таа очекува од клубот да произлезат нови лидерки и нови политички иницијативи.
Со едногласен избор на Александра Јелиќ за претседател и со избор на координативно тело од 18 членови, синоќа во Скопје беше формиран Клубот на жени на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
На основачката конференција, претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, упати повик до жените да се приклучат кон движењето.
– Клубот на жени не го гледаме како формална организациска структура, туку како силен политички двигател, кој ќе даде нова енергија на Движењето и ќе биде глас на жените во општеството – посочи Димитриевски, се наведува во објавата на ЗНАМ на Фејсбук.
Формирањето на клубот е предвидено со акцискиот план на движењето за 2026 година.
– Вратите на ЗНАМ се отворени за секоја жена која има визија, став и храброст да преземе одговорност. Затоа што Македонија не може да оди напред ако половина од нејзиниот потенцијал остане неискористен – порача Димитриевски.
Новоизбраната претседателка Јелиќ е дипломиран професор за предучилишно образование и постдипломец на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје. Има повеќе од 20 години искуство во воспитанието и во образованието, како и во раководењето со тимови и во реализацијата на домашни и на меѓународни проекти.
– Пред себе гледам жени со огромен потенцијал, кои не сакаат да бидат набљудувачи на иднината, туку нејзини креатори. Верувам дека од овој состав ќе произлезат нови лидерки, нови идеи и нова енергија – истакна Јелиќ.
Според најавите на ЗНАМ, клубот ќе работи на поголемо вклучување на жените во креирањето на политиките и во носењето на одлуките.
– Нашата порака е јасна: не бараме простор за да бидеме слушнати, туку преземаме одговорност за да направиме промена – порача Јелиќ.