СНЕГОТ ГИ ЗАГЛАВИЛ 8 ЧАСА НА ПИСТА ВО ВИЕНА Дури и стјуардесата плачела

Патниците на „Рајанер“ чекале со часови да полетаат кон Лондон. Во кабината немало бесплатна храна и вода, тоалетите биле затнати.

82

Повеќе од 8 часа поминале патниците на летот на „Рајанер“ од Виена за Лондон во авион заглавен на земја поради обилните снежни врнежи. Во кабината растела нервозата, дел од патниците барале да излезат, додека една стјуардеса плачела.

Капетанот преку разгласот им соопштил на патниците дека никој не смее да го напушти авионот, објави австрискиот весник „Хојте“.






Двајца помлади патници доживеале силна вознемиреност за време на чекањето.

– Никогаш во животот немам доживеано вакво нешто – раскажал еден од патниците.

Една 23-годишна Австријка, која патувала кај своето момче во Лондон, се качила во авионот нешто по 9 часот. Летот бил закажан за 9.40 часот, но полетувањето постојано се одложувало. На патниците им било кажано дека има технички проблем со опремата за одмрзнување на авионите.

Со часови патниците не добиле ниту бесплатна вода за пиење. Ваучери за освежување им биле ветени дури по пристигнувањето во Лондон.

– Тоалетите се затнати и се прелеваат, нема ниту храна ниту пијалаци. Ова е вистински кошмар – раскажала 23-годишната патничка.

Авионот го пропуштил и терминот за полетување во 16.10 часот. Конечно полетал во 17.34 часот, повеќе од 8 часа по качувањето на патниците.

Од „Рајанер“ соопштија дека доцнењето било предизвикано од технички проблем со опремата со која управува Аеродромот во Виена. Авиокомпаниите морале да чекаат ред за одмрзнување на леталата.

Превозникот најави дека за инцидентот ќе разговара со контролата на летање во Виена.

Од аеродромот го припишаа доцнењето на непрекинатите обилни снежни врнежи. Екипите за зимско одржување постојано ги чистеле оперативните површини, додека секој авион морал да помине низ постапка за одмрзнување пред полетувањето.

Поврзани содржини