СУДОТ ВО БЕЛГРАД МУ ОДРЕДИ ПРИТВОР ДО 30 ДЕНА НА УРЕДНИКОТ НА „ИНФОРМЕР“ Вучиќевиќ ја негира вината за делата што му се ставаат на товар
Второто основно јавно обвинителство побара притвор поради опасност од повторување на делото. Вучиќевиќ ги негирал обвиненијата, а неговите адвокати побарале да се брани од слобода.
Судот во Белград му одреди притвор до 30 дена на Драган Ј. Вучиќевиќ, сопственик и главен и одговорен уредник на телевизијата „Информер“.
Одлуката била донесена по предлог на Второто основно јавно обвинителство, кое побарало притвор поради опасност осомничениот да го повтори кривичното дело.
Вучиќевиќ денеска бил сослушан во обвинителството, каде што ја изнел својата одбрана и ја негирал вината, соопштија неговите адвокати.
На товар му се ставаат кривичните дела предизвикување паника и неред во продолжено траење и попречување на правдата.
Тој беше приведен во средата, на 25 ноември, во близина на зградата на телевизијата „Информер“, по што беше однесен во полициската станица во белградската општина Вождовац. По налог на обвинителството му беше одредено задржување до 48 часа.
Адвокатите на Вучиќевиќ побарале тој да биде пуштен да се брани од слобода. Тие оценија дека обвиненијата се недоволно конкретизирани и дека не се наведени прецизни датуми, емисии или изјави на кои се однесуваат пријавите.
Приведувањето предизвика реакции и собири на поддршка. Во текот на денот пред Палатата на правдата во Белград се собраа негови поддржувачи, меѓу кои и вработени во „Информер“, членови на семејството и пратеници.
Претходно, српскиот претседател Александар Вучиќ јавно реагираше на приведувањето, оценувајќи дека Вучиќевиќ е уапсен поради новинарската работа. Обвинителството, пак, ги отфрли обвинувањата за политички притисок и порача дека јавните напади врз обвинителите можат да претставуваат недозволено влијание врз нивната работа.
Постапката против Вучиќевиќ продолжува, а одлуката за притвор не претставува утврдување на негова вина.