СРБИЈА ДА ГИ ОТВОРИ АРХИВИТЕ ЗА ДА СЕ НАЈДАТ 1.725 ИСЧЕЗНАТИ ОД ТАТКОВИНСКАТА ВОЈНА Европскиот Парламент ја усвои резолуцијата за Вуковар

Резолуцијата им оддава почит на „сите жртви на Вуковар и на сите оние кои претрпеле злосторства за време на големосрпската агресија на Слободан Милошевиќ против Хрватска и војните што го придружуваа насилниот распад на Југославија“, како и за „оние кои ја бранеа Хрватска, ранетите и раселените, семејствата на загинатите и исчезнатите и цивилните жртви на војната, без оглед на нивното потекло“.

1

Европскиот парламент ја изгласа резолуцијата по повод 35-годишнината од падот и уништувањето на Вуковар, со која им се оддава почит на загинатите во градот, се осудува величењето на воените злосторници и се повикува Србија да ги отвори своите архиви за да ги пронајде исчезнатите од Татковинската војна.

„Сеќавањето на Вуковар ѝ припаѓа не само на Хрватска, туку и на Европа како целина и служи како постојан потсетник дека одбраната на мирот, човековите права и основните европски вредности бара постојана будност, жртва, политичка храброст и дијалог“, се вели во резолуцијата усвоена на пленарната седница на Парламентот во Стразбур во четврток.






Резолуцијата ја потпишаа сите хрватски европратеници, заедно со петмина парламентарци од Шведска, Германија, Шпанија, Австрија и Белгија. Гласањето од балконот за посетители го следеа жители на Вуковар, членови на семејствата на исчезнатите и убиените и поранешни затвореници од концентрационите логори, кои пристигнаа во Стразбур еден ден претходно на покана на европратеникот Карл Реслер.

Љиљана Алвир, претседателка на Здружението на семејства на притворени и исчезнати хрватски ветерани, еден ден претходно за Хина изјави дека оваа резолуција дава „нова мала надеж“ дека судбината на исчезнатите во Татковинската војна ќе биде разјаснета.

Хрватска сè уште бара 1.725 исчезнати од Татковинската војна, а голем дел од тој број се однесува на подрачјето на Вуковар и хрватскиот дунавски регион. Резолуцијата ја повикува Србија да ги отвори своите архиви и да помогне во пронаоѓањето на исчезнатите.

Усвоениот документ зборува за Вуковар како град со „богато мултикултурно наследство на различни етнички и религиозни заедници“, но и „првиот европски град кој практично бил уништен од бомбардирање по Втората светска војна, во речиси тримесечна воена опсада од размер што се сметал за минато“.

Резолуцијата им оддава почит на „сите жртви на Вуковар и на сите оние кои претрпеле злосторства за време на големосрпската агресија на Слободан Милошевиќ против Хрватска и војните што го придружуваа насилниот распад на Југославија“, како и за „оние кои ја бранеа Хрватска, ранетите и раселените, семејствата на загинатите и исчезнатите и цивилните жртви на војната, без оглед на нивното потекло“.

„Примерот на Вуковар нè потсетува дека ветувањето „никогаш повеќе“, кое беше дадено по уништувањето од Втората светска војна и кое е во срцето на европскиот проект, никогаш не може да се земе здраво за готово“, се наведува во текстот.

Во резолуцијата се споменуваат злосторствата во Овчара и логорите управувани од ЈНА во Србија, како што се оние во Стајиќево, Бегејци, Ниш, Белград, Нови Сад и Сремска Митровица, како и вуковарскиот Велепромет.

Документот зборува за ултранационалистичката реторика на српските власти и Слободан Милошевиќ, која ги поттикна етничките тензии и го нормализираше насилството. Во него се цитира говорот на Милошевиќ на Газиместан во 1989 година, во кој тој најави идни конфликти, како и концептот за Голема Србија.

Се споменува и извинувањето за злосторствата на поранешниот српски претседател Борис Тадиќ во 2010 година во Овчара, како и мирната реинтеграција на источна Славонија, Барања и западен Срем.

Усвоениот текст „остро ги осудува сите форми на негирање, потценување или величење на воените злосторства, вклучително и јавно славење или рехабилитација на осудени воени злосторници во регионот“, наведувајќи го оддавањето почит на Ратко Младиќ, воен командант осуден за геноцид, по повод неговиот погреб во Белград во септември оваа година.

На крајот од резолуцијата, на претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола ѝ е наложено да ја проследи до Советот на Европската Унија, Европската комисија и до владите и парламентите на земјите-членки и земјитете од Западен Балкан.

ВУКОВАР ГИ СКАРА ХРВАТСКИТЕ ПОЛИТИЧАРИ И СРПСКИТЕ СТУДЕНТИ Спор за резолуцијата на Европскиот парламент и за жртвите од војната

Поврзани содржини