АКО НЕКОЈ ЗАГИНЕ ВО ЕВРОПА ОД РУСКИТЕ ДРОНОВИ, ТОА ЌЕ ЗНАЧИ ПРЕМИНУВАЊЕ НА ЦРВЕНАТА ЛИНИЈА НА НАТО Претседателот на Латвија објасни кога би се активирал членот 5
Црвена линија би биле човечки жртви на територијата на НАТО, изјави латвискиот претседател Едгарс Ринкевичс во интервју за американската телевизија Си-Ен-Ен.
Инцидент предизвикан од Русија што би резултирал со човечки жртви на територијата на НАТО би можел да претставува „црвена линија“ за Алијансата, изјави латвискиот претседател Едгарс Ринкевичс во интервју за американската телевизија Си-Ен-Ен.
На прашањето што конкретно би претставувало „црвена линија“ за НАТО, во контекст на зачестените руски нарушувања на територијата на европските држави, вклучително и појавата на дронови во Германија и навлегувањето ракети во воздушниот простор на Полска, Ринкевичс посочи дека клучен праг би било губење човечки животи.
– Мислам дека таква линија би биле човечки жртви на територијата на НАТО – изјави Ринкевичс.
Тој оцени дека ситуацијата во која моментално се наоѓаат НАТО и Европа е „донекаде противречна“.
– Од една страна, се зголемува бројот на таканаречените хибридни напади. Тоа го гледаме во нашиот регион, во Латвија, но и во Европа. Истовремено, забележуваме дека кога станува збор за хипотетичко активирање на Членот 5 (за колективна одбрана на земјите членки на НАТО), односно за конвенционален напад, таа линија не се преминува – рече Ринкевичс.
Латвискиот претседател додаде дека токму тоа е карактеристично за хибридната војна.
– Се обидуваш, вршиш притисок, потоа запираш во последен момент и се повлекуваш – посочи претседателот на балтичката држава.