Од тајноста на посвојувањето кон правото на сознавање на биолошкото потекло

Правни забелешки во однос на предложените измени на Законот за семејството во Северна Македонија, во светло на судската практика на ЕСЧП и европските стандарди.

1

Предложената измена на член 123-а од Законот за семејството од страна на група пратеници, во функција на извршување на пресудата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во предметот Митревска против Северна Македонија (бр. 20949/21, 14.05.2024 година), претставува позитивен чекор, но бара дополнителни концептуални, материјалноправни и процесноправни подобрувања.

Во светло на член 8 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) и стандардите на Ревидираната европска конвенција за посвојување деца од 2008 година (CETS бр. 202), сметам дека треба да се преиспитаат следниве прашања:






▪ Сознавањето на биолошкото потекло како субјективно право

Формулацијата „ограничен увид“ е правно недоволно определена и не го афирмира во доволна мера постоењето на субјективно право.

Член 22 став 3 од Конвенцијата (CETS бр. 202) изречно го признава правото на посвоеното дете на пристап до информациите што се однесуваат на неговото потекло. И судската практика на ЕСЧП го третира сознавањето на биолошкото потекло како составен дел на личниот идентитет, заштитен со член 8 од ЕКЧП.

Законот треба изречно да го признае ова право и да ги утврди условите за негово ограничување, а не само да предвиди можност за „ограничен увид“ во документацијата.

▪ Од „службена тајна“ кон доверливост на податоците

Квалификувањето на податоците за посвојувањето како „службена тајна“ треба да се замени со концептот на „доверливост“ и заштита на личните податоци.

ЕСЧП, во предметот Митревска, утврди дека режимот на апсолутна тајност, без можност за воспоставување правична рамнотежа помеѓу правото на посвоеното лице да го дознае своето биолошко потекло и правото на биолошките родители на почитување на нивниот приватен живот, претставува повреда на член 8 од ЕКЧП.

Исто така, член 22 ставови 3 и 6 од Конвенцијата (CETS бр. 202) прави јасна разлика помеѓу правото на сознавање на потеклото и заштитата на информациите за посвојувањето од лица кои немаат легитимен интерес.

Доверливоста во однос на трети лица не треба да подразбира тајност и во однос на самото посвоено лице.

▪ Разграничување на правниот режим на идентификациските и неидентификациските податоци

Законот треба да направи јасна разлика помеѓу „идентификациските податоци“, кои го откриваат идентитетот на биолошките родители, и „неидентификациските податоци“, кои се однесуваат на личната, семејната, медицинската и генетската историја, без притоа да го откриваат нивниот идентитет.

Во предметот Митревска, ЕСЧП како недостаток ја посочи токму неможноста за пристап дури и до неидентификациските информации.

Заштитата на идентитетот на биолошките родители не треба автоматски да претставува основа за одбивање на пристапот до неидентификациските податоци.

▪ Пристап до медицинските и генетските податоци

Пристапот до медицинските информации не треба да биде условен исклучиво со постоење на „сериозно заболување“ или со актуелна загрозеност на здравјето.

Во пресудата Митревска, Судот го посочи отсуството на исклучоци од медицински причини, што ги оневозможувало надлежните органи да ги разгледаат здравствените потреби на жалителката.

Информациите за генетските предиспозиции и наследните заболувања се значајни не само за дијагностицирањето и лекувањето, туку и за превенцијата на заболувањата. Поради тоа, тие треба да подлежат на помалку рестриктивен правен режим на пристап.

▪ Утврдување законски критериуми за ограничување на правото

Законот не треба да ѝ доделува на Комисијата прешироки дискрециони овластувања без да ги утврди материјалноправните критериуми за одлучување.

Како член 8 од ЕКЧП, во светло на судската практика на ЕСЧП, така и член 22 став 3 од Конвенцијата (CETS бр. 202), ја афирмираат потребата од воспоставување „правична рамнотежа“ помеѓу правата и интересите на засегнатите лица.

Евентуалното противење на биолошките родители не треба да има карактер на „апсолутно вето“. Секое ограничување треба да се заснова врз индивидуална процена, начелото на пропорционалност и конкретните околности на случајот.

▪ Непристрасност и функционална независност на органот што одлучува

Треба да се гарантираат стручноста, непристрасноста и функционалната независност на органот што одлучува по барањето.

Доколку органот што учествувал во постапката за засновање на посвојувањето одлучува и за пристапот до информациите за истото посвојување, треба да се предвидат механизми за спречување евентуален „судир на интереси“.

Во светло на пресудата Митревска, механизмот за процена и одмерување на правата и интересите на засегнатите лица треба да биде реален и ефективен, а не само формален.

▪ Процесни гаранции и ефективна правна заштита

Законот треба да утврди конкретен рок за одлучување (предлагам 30 дена), обврска за донесување „образложена одлука“, можност за делумен пристап до информациите, како и право на „ефективен правен лек“ и судска контрола.

Исто така, во согласност со стандардот утврден во член 22 став 5 од Конвенцијата (CETS бр. 202), треба да се гарантира чување на соодветните информации најмалку 50 години од моментот кога посвојувањето станало правосилно.

И законодавствата на повеќето европски земји, како што се Германија, Швајцарија, Шпанија, Португалија, Норвешка и др., го афирмираат правото да се дознае биолошкото потекло, без оглед на разликите во условите и начинот на остварување на ова право, овозможувајќи во одредени случаи негово остварување и пред навршувањето на полнолетството, со што се потврдува дека „заштитата на доверливоста на посвојувањето“ и „правото да се дознае биолошкото потекло“ не се правни концепти што меѓусебно се исклучуваат.

Формалното признавање на едно право, без гаранции за негово практично и ефективно остварување, не е доволно.

Што треба да се менува?

Потребна е промена на правната парадигма: од „тајноста на посвојувањето“ кон „заштитата на личниот идентитет“ и „доверливоста на податоците“.

Сознавањето на биолошкото потекло треба да биде правило, а ограничувањето на ова право – исклучок, утврден со закон и оправдан врз основа на начелото на пропорционалност.

Посвоеното лице не треба да се третира само како „објект на правна заштита“, туку како „субјект и носител на права“.

(Авторот, д-р Афет Мамути е редовен професор по граѓанско право на Правниот факултет при Универзитетот во Тетово, член на Комисијата за изработка на Граѓанскиот законик на Република Северна Македонија. Негов научен и професионален интерес е насочен кон граѓанското, семејното, наследното и стварното право)

Поврзани содржини