📽️ НАЈМАЛКУ 30 ЗАГИНАТИ ВО ЕКСПЛОЗИЈА НА ЦИСТЕРНА КАЈ КАИРО Огнената стихија зафати и други возила, бројот на жртвите може да порасне
Цистерна со нафтени деривати излетала од патот и се запалила во населбата Ал Варак. Огнот зафатил и други возила, а повредените се пренесени во три болници.
Најмалку 30 лица загинаа, а 15 се повредени во тешка сообраќајна несреќа во близина на египетската престолнина Каиро, откако цистерна со нафтени деривати излетала од патот, се превртела и се запалила. Пожарот брзо се проширил и зафатил и други возила што се движеле по сообраќајницата.
Несреќата се случила на обиколницата на Голем Каиро, во населбата Ал Варак, во провинцијата Гиза, над тунелот „10“. Станува збор за една од главните сообраќајни артерии во поширокото подрачје на египетската престолнина.
Според првичните информации, цистерната била во приватна сопственост и превезувала нафтени деривати. По излетувањето од патот и ударот, дошло до експлозија и силен пожар, кој зафатил дел од коловозот и повеќе автомобили и мотоцикли.
На местото на несреќата веднаш биле испратени 39 возила на брза помош. Повредените биле пренесени во три болници, а спасувачките екипи извлекувале луѓе од возилата зафатени од огнот. Противпожарните служби успеале да ги стават пламените јазици под контрола.
EGYPT: A truck carrying petroleum products caught fire in Giza’s Warraq district, killing 21 people and injuring 15, Egypt’s Health Ministry said. https://t.co/FaKUmcxk2a
— Open Source Intel (@Osint613) November 25, 2026
Од надлежните здравствени институции предупредиле дека бројот на загинатите не е конечен и дека состојбата и понатаму се следи.
Снимките од местото на несреќата покажуваат голем пожар што ја зафатил сообраќајницата, додека густ црн чад се издигал високо над патот. На терен продолжиле активностите на спасувачките и медицинските екипи.