ТЕЈЛОР СВИФТ ПОВТОРНО НА СУД ПОРАДИ ПОСЛЕДНИОТ АЛБУМ Настапувачка од Лас Вегас ја тужи за повреда на нејзиниот заштитен знак
Станува збор за правна битка со жена од Лас Вегас која ја тужи поради името на нејзиниот албум „The Life of a Showgirl“ кое се поклопува со името на нејзиниот бренд. Во најновото барање до судот, поднесено на 25 ноември, пејачката остро реагира на обидот на тужителката спорот да продолжи во Калифорнија
На Тејлор Свифт ѝ е преку глава од правната битка со настапувачката од Лас Вегас која ја тужи поради нејзиниот последен албум, па сега бара од судијата да интервенира, дознава ТМЗ.
Во новите судски документи, пејачката со потсмев го отфрла последниот обид на настапувачката Марен Вејд нивниот правен спор да продолжи во Калифорнија.
– Еве нè повторно. Доста е веќе – се наведува во барањето на Тејлор.
Станува збор за правна битка со жената од Лас Вегас која ја тужи поради името на нејзиниот албум „The Life of a Showgirl“. Во најновото барање до судот, поднесено на 25 ноември, пејачката остро реагира на обидот на тужителката спорот да продолжи во Калифорнија, тврдејќи дека нема правна основа токму таа сојузна држава да биде надлежна за случајот.
Жената што ја тужи Свифт е Марен Вејд, чие вистинско име е Марен Флаг. Таа е пејачка, авторка, комичарка и изведувачка од Лас Вегас. Уште во 2014 година почнала да ја користи фразата „Confessions of a Showgirl“ како наслов на своја колумна во весникот „Las Vegas Weekly“, во која пишувала за животот на една изведувачка во светот на забавата. Колумната подоцна прераснала во кабаре-претстава, турнеја, книга и подкаст, а во 2015 година го регистрирала името како заштитен знак.
View this post on Instagram
Вејд ја поднела тужбата на 30 март 2026 година, обвинувајќи ја Свифт за повреда на заштитен знак и нелојална конкуренција. Според неа, насловот „The Life of a Showgirl“ премногу потсетува на нејзиниот бренд, бидејќи ги содржи истите клучни зборови и создава сличен впечаток кај публиката. Таа тврди дека огромната популарност на Свифт го засенила нејзиниот проект, кој го градела со години, и дека публиката може да помисли дека нејзината претстава е поврзана со пејачката или дека е копија на нејзиниот проект.
Во тужбата се наведува и дека американската Канцеларија за патенти и заштитни знаци одбила да ја регистрира пријавата на тимот на Свифт за името „The Life of a Showgirl“, повикувајќи се на можноста за забуна со веќе постојниот заштитен знак на Вејд. Сепак, оваа административна одлука сама по себе не значи дека судот утврдил повреда на правата.
Правниот тим на Свифт ги отфрла обвинувањата како неосновани. Адвокатите тврдат дека нема реална можност публиката да ги помеша светски познатата пејачка и нејзиниот албум со кабаре-претставите, книгата или подкастот на Вејд. Тие ја обвинија тужителката и дека се обидува да привлече внимание поврзувајќи се со името на Свифт, посочувајќи дека по најавата на албумот објавувала содржини со нејзината музика и хаштагови поврзани со проектот.