БОЛЕДУВАЊЕТО ОД 1 ДЕКЕМВРИ ПО НОВИ ПРАВИЛА Mатичниот лекар може да ви препише 5 дена
За боледувања подолги од 15 денови одлучува лекарска комисија во Фондот за здравствено осигурување.
Матичниот лекар може да даде само пет дена боледување, за боледување до 15 дена се потребни специјалистички прегледи и мислења, а за повеќе од тоа ќе одлучува специјална лекарска комисија. Од 1 декември почнува примената на новите правила за начинот, постапките и критериумите за утврдување привремена спреченост за работа.
Матичниот лекар го води пациентот во сите сегменти на боледувањето
Според Правилникот за начинот, постапките и критериумите за утврдување привремена спреченост за работа, матичните лекари ќе можат да одобруваат боледување најмногу до 5 дена врз основа на здравствената состојба на пациентот, лекарскиот преглед и медицинската проценка, без дополнителни специјалистички мислења.
Доколку здравствената состојба бара боледувањето да продолжи, матичниот лекар и понатаму е надлежен да го одобри отсуството до вкупно 15 дена. Но за да даде подолго боледување матичниот лекар ќе треба да се потпре на дополнителна дијагностика предвидена во критериумите на правилникот – лабораториски анализи, дополнителни дијагностички испитувања или преглед кај соодветен специјалист. Критериумите се утврдени за секоја болест посебно.
Лекарска комисија одлучува за боледувањата подолги од 15 денa
Доколку лекувањето не е завршено и има потреба од подолго боледување од 15 денови, тогаш за него веќе одлучува надлежната лекарска комисија на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), но предлогот за продолжување на боледувањето повторно доаѓа од матичниот лекар.
Комисијата одлучува врз основа на медицинската документација, специјалистичките извештаи, направените испитувања или отпусното писмо од болница. Предлогот за продолжување на боледувањето сега се доставува електронски.
Лекарската комисија одлучува врз основа на конзилијарно мислење од тројца специјалисти или супспецијалисти. Конзилијарното мислење важи најмногу 60 дена. По истекот на важноста на ова боледување и има потреба од понатамошно продолжување на боледувањето, потребно е да се достави ново конзилијарно мислење.
За боледувањата подолги од 60 дена се предвидува дополнителна медицинска документација.
Исклучок од овие правила се пациенти со определени тешки заболувања, меѓу кои малигни заболувања, мозочен удар со тешки последици, мултиплекс склероза, повеќекратни тешки повреди и пациенти во терминална фаза на болеста.
За овие категории, правилникот овозможува продолжување на боледувањето подолго од 60 денови без задолжително конзилијарно мислење.
Новиот правилник предвидува и можност боледувањето да се утврди без физичко присуство на пациентот, но само во оправдани случаи.
Ова се однесува на тешко болни, неподвижни или тешко подвижни лица, пациенти на болничко лекување, лица кои придружуваат болно дете до тригодишна возраст за време на болничко лекување, како и лица кои се лекуваат или придружуваат болно лице во странство.
Во таквите случаи боледувањето се утврдува врз основа на соодветна медицинска и друга документација.
За останатите пациенти основното правило останува дека боледувањето се отвора по личен преглед кај избраниот лекар.
Правилникот утврдува и посебни критериуми за отворање на боледување до 15 дена за нега на дете, и друг член на семејството.
За издавање на боледувањето до 15 дена за нега на дете до 14 годишна возраст, специјалистичкиот или субспецијалистичкиот преглед предвиден во критериумите може да го изврши педијатар, а боледувањето го издава матичниот лекар на детето.
За нега на член од потесно семејство над 14 годишна возраст боледувањето го издава матичниот лекар на осигуреникот кој го користи правото на привремена спреченост за работа.
Специјалистичкиот преглед предвиден во критериумите за издавање на боледување до 15 дена може за го изврши и матичен гинеколог, а за боледување над 15 дена потребно е мислење на специјалист гинеколог.
Рокови за отворање и затворање на боледувањето
Правилникот предвидува рокови за отворање и за затворање на боледувањето. Тоа се отвора од денот на прегледот кај матичниот лекар, а неговиот почеток и завршување се евидентираат во медицинската документација.
Ретроактивното отворање боледување не е дозволено, но има исклучок и од ова правило.
На пример, можно е ретроактивно утврдување за еден ден, ако пациентот се јави кај матичниот лекар наредниот работен ден по настанувањето на спреченоста за работа. Исклучок од праивлото има и за пациенти по болничко лекување, лица на продолжено лекување во дневна болница и определени категории тешко болни пациенти.
Ако во рок од 30 дена по затворањето на боледувањето се јави потреба од ново боледување поради иста или сродна дијагноза од истата група, матичниот лекар поднесува предлог до надлежната лекарска комисија.
Комисијата одлучува дали постои оправданост за повторно отворање на боледувањето.Исклучок е кога во тој период пациентот има потреба од болничко лекување за истата дијагноза, при што не е потребна претходна согласност од комисијата за повторното отворање.
Кај хроничните заболувања, пак, ќе може да се користат постојните дијагностички наоди, доколку се во пропишаниот рок на важност. Со тоа треба да се избегне непотребно повторување на испитувањата.
Ако, пак, пациентот додека користи боледување заболел од друга болест, тогаш матичниот лекар го затвора првото боледување и отвора ново.
Доколку осигуреникот не е задоволен од оценката на матичниот лекар или од одлуката на првостепената лекарска комисија, има право да поднесе приговор до надлежната првостепена, односно второстепена лекарска комисија.