ЛУКАШЕНКО MУ НУДИ НА ЗЕЛЕНСКИ ЗАЕДНО ДА ОДАТ ЗА МОСКВА „Побрзо ќе се договориме без Европејците“

Претседателот на Белорусија е подготвен лично да гарантира за безбедноста на украинскиот лидер при евентуална средба со рускиот лидер во Москва. Лукашенко смета дека Москва, Минск и Киев побрзо би постигнале договор без Европејците.

12

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко се понуди да отпатува со Володимир Зеленски во Москва на мировни преговори со Владимир Путин. Тој е подготвен да патува во ист авион со украинскиот претседател и лично да гарантира за неговата безбедност.

Зеленски возврати со контрапредлог – Лукашенко да го доведе Путин во Киев, гарантирајќи им безбедност на двајцата лидери.






Лукашенко ја изнесе својата понуда во интервју за францускиот неделник „Ле Поан“.

– Володја Зеленски и јас би можеле едноставно да се качиме во авион и да отпатуваме во Москва. Заедно. Како гарант на неговата безбедност, би можел да седам до него и заедно да отпатуваме во Москва – изјави Лукашенко.

На забелешката на новинарката дека Зеленски веројатно не би се согласил на таков предлог, Лукашенко одговори:

– Ако не се согласи, нека продолжи да војува. Нека оди на фронтот со автомат и нека се бори. Војната продолжува. Таа мора да биде запрена. А ние би можеле да постигнеме договор.

Претседателот на Русија Владимир Путин во повеќе наврати го повикуваше Зеленски на преговори во Москва. Украинскиот лидер ја отфрла таа можност, но изразува подготвеност за средба на неутрална територија.

Лукашенко во интервјуто оцени дека руските сили напредуваат бавно, но дека ја добиваат војната.

– Претседателот Путин сè уште победува на фронтот. Така стојат работите – истакна Лукашенко.

Белорусија е еден од најблиските сојузници на Русија. Лукашенко ѝ дозволи на Москва да ја користи територијата на неговата земја за инвазијата врз Украина во февруари 2022 година.

Белорускиот претседател го поздрави обновувањето на мировните преговори со посредство на САД, како и можноста европските претставници да се вклучат во следните рунди разговори. Сепак, тој смета дека Русија, Украина и Белорусија треба да имаат решавачка улога во определувањето на иднината на регионот.

– Би постигнале договор побрзо од вас (Европејците) за прекинот на оваа војна, за идните договори и слично – изјави Лукашенко, изразувајќи уверување дека луѓето би го прифатиле тоа.

Кремљ во повеќе наврати го повикуваше Зеленски на преговори во Москва, но украинскиот претседател ги одбиваше поканите, оценувајќи ги како неконструктивни и инсистирајќи на средба со Путин на неутрална територија.

На 3 ноември во Берлин Зеленски изјави дека поканите за кои однапред се знае дека другата страна нема да ги прифати се контрапродуктивни за мировниот процес.

Поврзани содржини