ЗА 3 ГОДИНИ ДУРИ 201 ПАЦИЕНТ ПОЧИНАЛ ВО ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА КАДЕ ШТО БЕШЕ ЗАДУШЕН ПЕРИШ Хрватите на протести ќе бараат одговорност
Периш почина на 21 октомври, а неговата смрт предизвика шок во јавноста откако во медиумите протече снимка од болничкиот видеонадзор на која се гледа брутално насилно постапување на медицински техничари кон врзан пациент.
Скандалот по убиството на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш од страна на техничариво психијатриската клиника „Свети Иван“ во загрепската населба Јанкомир добива нови драматични димензии – хрватските медиуми објавија дека во последните 3 години во оваа здравствена установа починале дури 201 пациент.
Фрапантната бројка, со оглед дека таму се лекуваат психијатриски пациенти, а пациенти со смртоносни болести, дополнително ги засили барањата за темелна проверка на работењето на болницата. Сепак, бројката се однесува на вкупниот број смртни случаи во установата и не значи дека тие се сомнителни или поврзани со насилство.
Периш почина на 21 октомври, а неговата смрт предизвика шок во јавноста откако во медиумите протече снимка од болничкиот видеонадзор на која се гледа брутално насилно постапување на медицински техничари кон врзан пациент. Четворица техничари се уапсени и се наоѓаат во истражен притвор поради сомнение за тешко убиство. Истрагата треба да утврди дали употребата на физичка сила и постапувањето на персоналот довеле до смртта на пациентот.
Министерството за здравство отвори прашања за одговорноста на болничкото раководство и најави продолжување на надзорот.
Директорката на клиниката, Мајда Грах на 12 ноември поднесе неотповиклива оставка. Оставки поднесоа и нејзината заменичка и помошникот, како и претседателот на Управниот одбор.
Случајот предизвика силни реакции од граѓаните и активистите за правата на пациентите. Покрената е петиција под наслов „Доста е молчење: Бараме одговорност и оставки по случајот Јанкомир“, со која се бара оставка од министерката за здравство Ирена Хрстиќ, смена на директорката и претседателот на Управниот одбор, како и независна истрага за можните институционални пропусти. Иницијаторите бараат и национален надзор над психијатриските установи и независен систем за заштита на правата на пациентите.
На 14 ноември, во Загреб и во Сплит се најавени мирни собири во знак на сеќавање на Периш и солидарност со неговото семејство. Во Загреб собирот ќе се одржи на Цветниот плоштад, во 12 часот, со 8 минути молк, колку што траеше тортурата врз Периш. Во Сплит, граѓанските иницијативи најавуваат собир на Овошниот плоштад, исто така со 8 минути молк и со свеќи. Организаторите порачаа дека собирите нема да имаат политички обележја, туку ќе бидат повик за вистина и за одговорност.
Семејството на Периш, пак, најави посебно комеморативно собирање на 21 ноември во 18:30 часот, на плоштадот Бан Јелачиќ во Загреб. Адвокатот Леон Зрниќ потврди дека ќе биде пријавен мирен собир, со обезбедени редари. Семејството бара да се утврди одговорноста на сите лица кои биле вклучени во постапувањето кон Кристијан, но и на оние кои можеби пропуштиле навремено да реагираат.
Статистиката за смртноста вчера беше презентирана во Градското собрание на Загреб. Споредено со психијатриската клиника „Врапче“, која има речиси двојно повеќе хоспитализации, „Свети Иван“ бележи драстично поголема смртност. На пример, во 2023 година во „Врапче“ на 12.673 пациенти починале 51, додека во „Свети Иван“ на 5.350 пациенти имало дури 72 смртни случаи. Во 2024 година во „Врапче“ имало 6.543 пациенти, од кои 32 починале, а во „Свети Иван“ починал 51 пациент од вкупно 5.019.