ОПОЗИЦИСКИТЕ ПРАТЕНИЧКИ ПРАШАЊА ЌЕ БИДАТ ПОВТОРЕНИ Гаши порача дека за секој проблем може да се најде решение со дијалог
Никој не сака да прави преседани, туку сакаме заедно да одиме кон решавање на евентуалните или објективни проблеми што настануваат со интерпретација на одредени членови на деловникот, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Собранието ќе ги повтори опозициските прашања во рамки на 130. пленарна седница, се согласиле координаторите на пратеничките групи, соопшти попладнево претседателот на Собранието Африм Гаши, без да прецизира кога ќе се одржи седницата.
Собранието потоа се префрли на 129. седница и со 63 гласа „за“ го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за јавни набавки, чиј што указ не беше потпишан од претседателката на државата Сиљаноска Давкова, со укажување. Владејачкото мнозинство поднесе амандман со кој беше избришан членот од укажувањето на Сиљаноска Давкова.
Претходно, во врска со процедуралните забелешки на пратениците од опозицијата за 130. седница на која вчера требаше да бидат поставувани пратенички прашања, но не беа, Гаши рече дека нема проблем кој не може да се реши.
– Никој не сака да прави преседани, туку сакаме заедно да одиме кон решавање на евентуалните или објективни проблеми што настануваат со интерпретација на одредени членови на деловникот – рече Гаши.
Според него, во случај кога има различни интерпретации за некои членови од Деловникот кои не се докрај прецизирани, доколку се случи недоразбирање најдобро е тоа да се да се реши со заеднички договор.
– Јас затоа ја прекинав вчера седницата и ве повикав на координација. Вие не дојдовте. Јас се надевам дека во понеделник ќе дојдете сите координатори и ќе разговараме на оваа тема. Јас сум убеден дека можеме да најдеме решение. Нема проблем кој не може да се реши. Затоа мислам дека сите опции се отворени да продолжиме со оваа седница – истакна Гаши.