ФАКС-МАШИНИТЕ ПРИВРЕМЕНО ВО ИГРА ПО ПРЕКИНОТ НА „МАЈКРОСОФТ“ Се користат стари методи додека компанијата работи на проблемот

Глобалниот прекин на услугите на „Мајкрософт“ ги принуди банките и брокерските куќи привремено да користат телефони, пораки и факс-машини. Компанијата пријави први знаци на стабилизација, но дел од услугите сè уште не беа обновени.

0

Факс-машините, технологија што многумина одамна ја сметаат за минато, привремено се вратија во употреба во светските финансиски центри. Причината е големиот прекин на услугите на „Мајкрософт“, кој ја наруши електронската комуникација меѓу банките, брокерите и берзите.

Трговците биле принудени да ги користат телефоните, „Ватсап“, па дури и факс-машините за да продолжат со работата, објави „Блумберг“.






Проблемите ги погодија „Аутлук“, „Тимс“ и „Копилот“, а последиците се почувствуваа во повеќе финансиски центри низ светот.

Во Сингапур, некои банки не можеле навреме да ги завршат трансакциите. Европските берзи „Јуронекст“ и „Дојче берзе“, како и американскиот „Насдак“, пријавиле проблеми со електронската пошта.

Јапонските компании повторно почнале да користат факс за деловната кореспонденција, додека индиските брокерски куќи предупредиле на можни доцнења во одговорите до клиентите.

Прекинот не значел целосно запирање на берзанското тргување, но сериозно ја отежнал обработката и потврдувањето на трансакциите.

Американската технолошка компанија соопштила дека работи на враќање на пристапот до погодените услуги.

Во петокот „Мајкрософт“ пријавил „позитивни знаци во однос на стабилноста на серверите“, иако дел од системите сè уште не биле целосно обновени.

Прекинот траел повеќе од половина ден и предизвикал проблеми во финансиските институции, но и во други компании што зависат од услугите на „Мајкрософт“.

Меѓу погодените бил и луксузниот концерн „Ришемон“, сопственик на брендот „Картие“, кој накратко го одложил објавувањето на финансиските резултати.

Кенет Гох, директор за управување со приватно богатство во брокерската куќа „УОБ Кеј Хијан“, бил на службено патување во Малезија кога останал без вообичаените информации за финансиските пазари.

– Беше исклучително напнато. Ако прекинот трае подолго од 24 часа, тогаш ќе влеземе во црвената зона – изјави Гох.

Тој морал да комуницира со клиентите преку кратки телефонски разговори.

Трговците во „Си-Ем-Си маркетс“ во Сингапур, исто така, привремено се префрлиле на постарите начини на комуникација.

– Сите повторно се префрлија на телефоните, а нашата комуникација на „Ватсап“ беше поактивна од вообичаено – изјави трговецот Јуџин Кох.

Тој објасни колку прекинот ја забавил секојдневната работа.

– За нешто што вообичаено преку електронска пошта трае една секунда, сега треба телефонски повик и неколку минути за да се заврши – рече Кох.

Рјутаро Кимура, стратег за обврзници во „БНП Париба асет менаџмент“ во Токио, изјави дека тргувањето во голема мера продолжило, но потврдите за трансакциите почнале да се натрупуваат.

– Трговските оддели и понатаму ги реализираа трансакциите преку телефон и факс – објасни Кимура.

Брокерот Енди Кент од лондонската компанија „Кајт брокинг“ предупреди дека најголемите проблеми се јавуваат при обработката на веќе договорените трансакции.

Според него, институциите би можеле да бидат повнимателни со тргувањето додека повторно не проработат автоматизираните системи.

Прекинот уште еднаш ја покажа зависноста на современиот финансиски систем од електронската пошта и облачните услуги.

Факс-машините и телефоните во овој случај послужиле како привремена замена, додека „Мајкрософт“ работи на нормализирање на услугите.

Поврзани содржини