НОВОТО РЕШЕНИЕ ЗА СТУДЕНТСКИОТ ОБРОК ЌЕ ВАЖИ ОД СЛЕДНАТА УЧЕБНА ГОДИНА Треба да се направат софтверски интервенции за да биде дел од м.Услуги

4

Новото решение за субвенциониран студентски оброк ќе почне да се применува од новата академска година, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски. За новото субвенционирање, за кое разговарале со претставници на студентите, потребни се софтверски интервенции за да биде дел од платформата м.Услуги. Со новото решение студентите ќе имаат многу повеќе привилегии. ​

– Имавме состанок со легитимните претставници на студентите. Разговаравме на темата, како влада понудивме решение. Добивме одговор од студентите, работиме на тоа решение и, бидејќи тоа бара софтверски интервенции, да биде дел од платформата м.Услуги, цениме дека со новата учебна година ќе почне да се применува. Не само што ќе биде во вредност многу повеќе од ова што е сега, туку решението ќе им овозможи и дополнителни попусти во стопанските субјекти кога ќе ги потрошат тие пари – изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при работната посета на Гази  Баба.






Тој нагласи дека оваа е прва влада која исплаќа ваков тип средства и оти така и ќе продолжи, а во меѓувреме се реалзиираат и други мерки за подобри услови за студирање. Неодамна беше пуштен во употреба целосно реновираниот студентски дом „Стив Наумов“, а до крајот на годината вратите за прием на студенти ќе ги отвори и реновираниот „Кузман Јосифовски-Питу“.

– Поделивме околу 50.000 ваучери по 15.000 денари за електронски уреди. Почнуваме со реконструкција и обнова на осум училишни и студентски домови, градиме универзитетски кампуси на неколку универзитети. Практично, нешто што никогаш во овие 35-36 години не е направено, ние во овие две и пол години успеваме да го направиме – додаде Мицкоски.

Поврзани содржини