СДСМ И ДУИ СИ СКРОИЈА ЗАКОНИ ЗА ДА СЕ АМНЕСТИРААТ ОД КРИМИНАЛИТЕ Мицкоски вели дека затоа не може да им се верува кога зборуваат за корупција
Мицкоски истакна дека актуелната влада ги испратила во Брисел двата законски предлога – новиот Кривичен законик и Законот за кривична постапка, кои, како што нагласи, се однесуваат на сегашната и идните влади, а не на претходниот период.
СДСМ и ДУИ ги сменија Кривичниот законик и Законот за кривична постапка за да се заштитат од одговорност за криминалот за кој постојат основани сомненија дека го сториле додека биле на власт, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој рече дека станува збор за два закона што во времето на владата на СДСМ и ДУИ добиле поинаква форма и суштина, откако биле протуркани во Собранието со европско знаменце и по скратена постапка.
Според Мицкоски, тогашните измени имале две цели. Првата била поранешните функционери на СДСМ и ДУИ да се заштитат од кривична одговорност за дела за кои постојат сомненија дека ги сториле додека биле на власт. Втората цел, како што тврди премиерот, била да се обезбеди политичка амнестија за одредени поранешни структури на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски смета дека СДСМ и ДУИ очекувале со тоа да добијат поддршка од тие структури за спроведување на уставните измени поврзани со Францускиот предлог.
– Тогаш тие, злоупотребувајќи го европското знаменце, по скратена постапка во Парламентот ги изгласаа овие закони. Имаа двојна цел. Првично да се себеамнестираат од сторените криминали, за кои постојат основани сомненија додека тие беа Влада, и второ, мислеа дека на тој начин на некои поранешни структури од ВМРО-ДПМНЕ ќе им овозможат политичка амнестија, за потоа тие да им помогнат во намерата да се случат уставните измени како резултат на Францускиот предлог – рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека новите законски решенија што ги подготвува актуелната влада нема да значат дека ќе се отворат или продолжат постапки за евентуалните криминали од претходниот владин состав врз основа на новите прописи. Според него, лицата на кои би се однесувале таквите сомненија и натаму ќе можат да се повикаат на законот што е поповолен за нив, односно на претходните законски измени.
– Со ова што ние го правиме, тоа не значи дека оние основани сомненија што постојат за сторен криминал од претходната Влада ќе бидат гонети. Бидејќи тие секогаш имаат можност да се повикаат на, за нив, поповолното право, во случајот е оној закон што си го скроија за да се амнестираат – рече премиерот.
Тој објасни дека измените што сега ги предлага Владата се однесуваат на периодот од нивното стапување во сила, односно на случаите што ќе се појават отсега натаму, а не на претходните случаи.
Мицкоски ја искористи изјавата и за критика на СДСМ и ДУИ, посочувајќи дека, според него, токму тие го нанеле најтешкиот удар врз владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата.
– Секогаш кога ќе слушнете од ДУИ и од СДСМ да ви зборуваат за борба против криминал и владеење на право, тогаш треба да се сетите дека токму тие се тие кои го нанесоа фаталниот удар на владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата – рече Мицкоски.
Тој истакна дека актуелната влада ги испратила во Брисел двата законски предлога – новиот Кривичен законик и Законот за кривична постапка, кои, како што нагласи, се однесуваат на сегашната и идните влади, а не на претходниот период.
За предложените законски решенија сега се очекува мислење од Брисел. Откако ќе пристигне, Владата планира да отвори и домашна дебата за измените.