БУЏЕТОТ ЗА 2027 ГОДИНА ЌЕ ТЕЖИ 7,16 МИЛИЈАРДИ ЕВРА Почна комисиската расправа во Собранието
Во Предлог буџетот за 2027 година, вкупните приходи се планирани на ниво од 395,4 милијарди денари (6,43 милијарди евра), а буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари (околу 731,7 милиони евра), односно 3,5% од БДП.
На денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет почнува разгледувањето на Предлог на буџетот за 2027 година, во второ читање. Комисиската расправата за буџетот трае 10 дена, од кои најмногу четири дена за општ претрес и шест дена за амандмани. За Предлог-буџетот поднесени се над 300 амандмани од овластени предлагачи.
Во Предлог буџетот за 2027 година, вкупните приходи се планирани на ниво од 395,4 милијарди денари (6,43 милијарди евра) и расходи од 7,16 милијарди евра што е 5,7% повеќе споредено со 2026 година, додека вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари ( 7,16 милијарди евра), што е за 4,8% споредено со 2026 година. Буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари (околу 731,7 милиони евра),, односно 3,5% од БДП, и е во согласност со Фискалната стратегија за периодот 2027–2031 година.
За капитални расходи се планирани 40,8 милијарди денари (663,4 милиони евра), додека за исплата на пензиите се планирани 123,8 милијарди денари (околу 2,01 милијарди евра). За социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари (3,59 милијарди евра).
Во 2027 година, покрај финансирањето на буџетскиот дефицит кој е проектиран на 45 милијарди денари (околу 731,7 милиони евра), државата има обврски и за сервисирање на долгот во износ од 124,6 милијарди денари (околу 2,03 милијарди евра). Од вкупните обврски за отплата 46,5 милијарди денари (околу 756 милиони евра) се надворешен долг.
Наредната година како што е познато за отплата е еврообрзницата од 500 милиони евра издадена во 2023 година.
За финансирање на дефицитот и обврските се планирани домашни задолжувања од 36,3 милијарди денари (околу 590 милиони евра), како и 60 милијарди денари (околу 976 милиони евра) преку едногодишни државни хартии од вредност што доспеваат за отплата. Надворешното задолжување е предвидено да изнесува 86,8 милијарди денари (околу 1,41 милијарда евра).
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска при претставувањето на Предлог-буџетот за 2027 година истакна дека со него се поставуваат фискалните рамки и развојните приоритети за наредната година. Основната цел, како што потенцира, е да обезбедиме стабилни и одржливи јавни финансии, да продолжиме со постепена фискална консолидација, но истовремено да создадеме услови за економски раст, инвестиции и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Таа истакна дека Буџетот за 2027 година го подготвиле во услови на неизвесно меѓународно економско опкружување и екстерни ризици, поради што посебно внимание посветиле на реалноста на проекциите, одржливоста на расходите и ефикасното користење на јавните средства.
Министерката посочи дека со Буџетот се обезбедуваат средства за раст на плати во јавниот сектор, повеќе пари за исполнување на обврските што произлегуваат од членството на државата во НАТО, при што за одбраната се планирани средства во висина од 2 отсто од БДП за зајакнувањето на одбранбените капацитети, модернизацијата и опремувањето на Армијата.
Таа напомена дека средствата за Јавното претпријатие за државни патишта веќе не се предвидени во Буџетот односно тие веќе ги обезбедува претпријатието.
Дополнително, појасни министерката, покрај капиталните инвестиции што директно се финансираат од Буџетот, во 2027 година продолжува реализацијата на значајни инфраструктурни проекти преку ЈПДП како што е Коридорот 8 и 10 Д и продолжува реализацијата и на проекти како што се автопатските делници Кичево–Букојчани, Кичево–Охрид и Скопје–Блаце, подобрувањето на локалната патна инфраструктура, како и проектите за изградба и модернизација на железничката инфраструктура, вклучително и источниот дел на Коридорот 8, железничкиот граничен премин Табановце.
Таа посочи дека продолжува и реализацијата на проектите за локална инфраструктура, енергетска ефикасност на јавните објекти и воведување на брз автобуски превоз во Скопје. Сите овие инвестиции, нагласи, имаат една заедничка цел – подобра инфраструктура, поквалитетни јавни услуги, поголема продуктивност и создавање услови за развој на економијата.