БРУТАЛНО УБИСТВО НА ЖЕНА ЈА ТРЕСЕ КОСОВСКАТА ВЛАДА Полицијата и обвинителството под истрага поради пропусти

Оставка поднесе директорот на косовската полиција, суспендирани се 11 полициски службеници и двајца обвинители, а опозицијата бара одговорност од министрите за внатрешни работи и за правда.

0

Убиството на жена во Косово предизвика сериозна институционална и политичка криза, која резултираше со оставка на директорот на косовската полиција, суспензија на повеќе полициски и обвинителски службеници и засилени барања за оставки од двајца министри во владата на премиерот Албин Курти.

Директорот на косовската полиција, Газменд Хоџа, поднесе оставка на 30 октомври, пет дена по убиството на Арлинда Зекај во селото Витомирица, во близина на Пеќ. Премиерот Курти ја прифати оставката и за вршител на должноста директор го назначи Фехми Хоти.






Ден пред неговата оставка, косовската полиција суспендираше 11 службеници поради постапувањето во случајот. Меѓу нив се раководители на полициски единици во Пеќ, командири и заменик-командири на полициски станици, како и четворица полициски инспектори.

Суспендирани се и главната обвинителка во Основното обвинителство во Пеќ, Лумтурие Вучетај, и обвинителката Арлинда Налбани Гацафери, која го водела предметот.

Случајот предизвика силни реакции бидејќи се покажа дека 49-годишната Зекај повеќепати пријавувала семејно насилство, закани и страв за сопствениот живот. Таа барала институциите да ја заштитат и да ѝ овозможат да се врати во заедничкиот дом, од кој била принудена да се оддалечи по конфликтите со сопругот и неговото семејство.

Според објавените документи, уште во септември судот издал мерка за заштита, а на 16 октомври донел одлука со која ѝ овозможил да се врати во заедничката куќа. Сепак, спроведувањето на судската одлука и обезбедувањето на нејзината безбедност не биле соодветно решени.

Само три дена пред убиството, на 22 октомври, Зекај испратила писмена претставка до обвинителството во Пеќ, во која ги навела пропустите на институциите и предупредила дека нејзиниот живот е загрозен. Следниот ден, според информациите од обвинителството, била поднесена пријава против нејзиниот сопруг поради закани.

На 25 октомври, денот на убиството, таа повторно пријавила семејно насилство. Нејзиниот сопруг бил задржан во полициска станица 48 часа, а Зекај побарала полициска придружба за да се врати во својот дом. Иако изразила страв за сопствената безбедност, инсистирала да се врати кај својот син и во куќата за која имала судска одлука.

Случајот предизвика протести во Приштина, Пеќ и други косовски градови, на кои граѓаните бараа правда за Зекај и одговорност од институциите кои не успеале да ја заштитат и покрај нејзините повеќекратни предупредувања.

Опозициските партии ПДК, ЛДК и ААК побараа оставки од министерот за внатрешни работи Џељаљ Свечља и министерката за правда Доника Грвала, оценувајќи дека одговорноста не може да заврши само со суспендирање на полициски и обвинителски службеници. Прозваниете м инистри ги отфрлија повиците за оставки.

Арлинда Зекај беше убиена вечерта на 25 октомври во својата куќа во Витомирица, во близина на Пеќ, само неколку минути откако полициска патрола ја придружувала до домот. Таа излегла од полициското возило околу 20:58 часот, а само 12 минути подоцна полицијата добила повик за итна интервенција. Кога службениците пристигнале во куќата, ја пронашле мртва во спалната соба. Била убиена со секира.

За убиството е осомничен Алберт Силај, братот на нејзиниот сопруг, кој побегнал од местото на настанот. Тој беше уапсен два дена подоцна, на 27 октомври, во Дечани. По апсењето му беше одреден едномесечен притвор.

Поврзани содржини