БУГАРИТЕ ФРЛАА ПО ФОН ДЕР ЛАЈЕН СО ЈАЈЦА, ПИПЕРКИ, ПАТЛИЏАНИ… Во Варна ја пречекаа со „летна манџа“

Приврзаници на националистичката партија „Преродба“ ја пречекаа претседателката на Европската комисија со протести и барања Бугарија да не биде вовлечена во војната во Украина.

0

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен имаше непријатен пречек во бугарскиот град Варна. Нејзината колона возила, во која беше и бугарскиот премиер Румен Радев, беше гаѓана со јајца, овошје и зеленчук од демонстранти кои протестираа против нејзината посета на земјата.

Протестот се одржа пред Военопоморската академија „Никола Јонков Вапцаров“, а го организираа приврзаници на бугарската националистичка партија „Преродба“ (Вазраждане).






Демонстрантите извикуваа „Урсула, не си добредојдена!“ и „Варна сака мир, а не војна!“, барајќи од претседателката на Европската комисија веднаш да ја напушти Бугарија.

На транспарентите имаше пораки „НАТО надвор“, „Сакаме нашите деца да живеат во мир“ и „Работа, а не војна“. Дел од нив беа испишани и на англиски и германски јазик.

Главното незадоволство на демонстрантите беше насочено кон политиката на Брисел кон војната во Украина. Тие ја обвинуваат Европската Унија дека со воената поддршка за Киев ги зголемува опасностите од поширок конфликт и дека Бугарија не треба да биде вовлечена во туѓа војна.

– Варна и цела Бугарија сакаат мир. Ова е мирен протест против посетата на Урсула фон дер Лајен, бидејќи таа стана амбасадор на војната – изјави еден од учесниците, пренесе бугарската национална телевизија БНТ.

Други демонстранти бараа Бугарија да остане неутрална, а дел од нив изразија и противење на воведувањето на еврото, барајќи земјата да ја задржи националната валута, левот.

Посетата на Фон дер Лајен на Варна беше посветена на безбедноста во Црното Море и заштитата на поморските трговски патишта. Во разговорите со премиерот Радев таа најави 50 милиони евра европска помош за воспоставување заеднички центар за поморска безбедност на Бугарија и Романија, како и дополнителни 10 милиони евра за бугарските капацитети за пребарување и спасување на море.

Поврзани содржини