ПЕТ ЗГРАДИ ОСТАНАА БЕЗ СТРУЈА ПОРАДИ ДЕФЕКТ НА ПОДЗЕМЕН КАБЕЛ Скеле го попречило пристапот до оштетениот кабел, екипите на Електродистрибуција ја санираат мрежата

Од Електродистрибуција велат дека оштетениот дел од подземната мрежа се наоѓал под скеле на соседно градилиште, поради што морало да се обезбеди пристап за безбедна интервенција. Станарите останале без греење и лифтови.

5

Пет станбени згради на улицата Индустриска 1 во Скопје повеќе од 19 часа беа без електрична енергија поради дефект на подземната среднонапонска мрежа. Жителите се соочија со нефункционални лифтови и греење, беа загрижени семејствата со мали деца и повозрасните станари. Од Електродистрибуција за Плусинфо информираат дека интервенцијата била отежната бидејќи оштетениот дел од мрежата се наоѓал под скеле поставено од приватен инвеститор на соседното градилиште.

Прекинот започнал во средата, 11 ноември, околу 13 часот. Според сведоштвата на станарите, дефектот бил пријавен веднаш, но во текот на денот добивале различни информации за причината и времето кога ќе биде воспоставено снабдувањето.






Од Електродистрибуција велат дека нивните екипи веднаш излегле на терен и го лоцирале дефектот, но пристапот до местото на интервенцијата бил отежнат.

– Дефектот се наоѓа под скеле поставено од приватен инвеститор кој изведува градежни работи на нова зграда. Во координација со приватниот инвеститор е договорено да се отстрани скелето со цел да се овозможат слободен пристап и безбедно работење на теренските екипи на компанијата – велат од Електродистрибуција за Плусинфо.

Според компанијата, екипите во моментот на испраќање на одговорот работеле на финалните зафати за целосна санација на дефектот, по што снабдувањето со електрична енергија требало целосно да се нормализира.

Станарите претходно за Плусинфо раскажаа дека првичните процени биле оти струјата ќе биде вратена околу 21 или 22 часот, но тоа не се случило. Во текот на ноќта, според нив, биле известени дека е откриен дополнителен дефект и дека санацијата ќе продолжи утрото.

Тие посочија дека поради прекинот останале без греење и лифтови, а во една од зградите, според нивните сведоштва, не функционирало ниту осветлувањето за итни излези.

Дополнителна загриженост предизвикала неизвесноста околу времето на отстранување на дефектот, особено кај семејствата со бебиња и мали деца и кај повозрасните жители.

Дел од станарите најавија колективен приговор до ЕВН и надлежните институции, барајќи објаснување за долготрајниот прекин и околностите во кои се одвивала интервенцијата.

Поврзани содржини