ПОЛ МАКАРТНИ СТАНА МИЛИЈАРДЕР И ТРЕТ НАЈБОГАТ МУЗИЧАР НА СВЕТОТ „Форбс“ го процени богатството на поранешниот битлс на 1,4 милијарди долари

Поранешниот член на „Битлси“, Пол Макартни, се искачи на третото место на листата на најбогатите музичари во светот, зад Џеј Зи и Тејлор Свифт.

1

Според процените на магазинот Форбс, поранешниот член на „Битлси“, Пол Макартни, се најде во друштвото на најбогатите музичари во светот. Според најновата процена на „Форбс“, неговото богатство достигнало 1,4 милијарди долари, со што 84-годишниот музичар се искачи на третото место на светската листа, зад Џеј Зи и Тејлор Свифт.

Џеј Зи располага со 2,8 милијарди долари, Тејлор Свифт со две милијарди, а Макартни е трет со 1,4 милијарди долари. Неговото богатство не доаѓа само од децениите музичка кариера и хитовите на „Битлси“, туку и од паметните деловни потези, авторските права, издавачката дејност, концертите и недвижностите.






Еден од највредните делови од неговата финансиска империја е компанијата „MPL Communications“, која ја основал во 1969 година. Преку неа Макартни управува со правата на сопствената музика, но и со каталози на други автори. Меѓу нив се песните на Бади Холи, познати музички дела од Бродвеј, како и популарни божиќни композиции. „Форбс“ ја проценува вредноста на оваа компанија на најмалку 250 милиони долари.

Макартни и натаму има значителен приход и од наследството на „Битлси“. Тој поседува 25 отсто од компанијата „Епл Корпс“, заедно со Ринго Стар и наследниците на Џон Ленон и Џорџ Харисон. Компанијата годишно остварува околу 50 милиони долари од стриминг, продажба на плочи и музички производи. Дополнително, авторските права на песните на бендот му носат околу 10 милиони долари годишно.

Голем дел од богатството го создал и со децениските турнеи. Последната турнеја „Got Back“ опфати 79 концерти во периодот од 2022 до 2025 година. Во неговиот имот се вклучени и недвижности во Велика Британија и во Хемптонс, како и вредна уметничка колекција со дела на Пабло Пикасо и Рене Магрит.

Интересно е што Макартни уште во 2024 година беше прогласен за првиот британски музичар милијардер, според листата на богаташи на „Сандеј тајмс“. Тогаш неговото и богатството на сопругата Ненси Шевел заедно беа проценети на една милијарда фунти. Новата процена на „Форбс“ се однесува на неговото лично богатство и го потврдува неговото место меѓу најбогатите музичари на планетата.

И покрај огромното богатство, Макартни не се повлекува од музиката. Оваа година го објави албумот „The Boys of Dungeon Lane“, а неговиот живот по распадот на „Битлси“ е тема и на документарниот филм „Man on the Run“, во режија на Морган Невил.

Поврзани содржини