НЕМА ПРОМЕНИ ВО СТАВОТ ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ Само Македонија има политички услов во ЕУ поради антридржавната политика на претходната влада
Ние го водиме дијалогот со нашиот источен сосед и се надевам дека на крајот ќе вроди со плод и ќе можеме да зборуваме дека конечно, 21 година по стекнувањето кандидатски статус, ќе можеме да почнеме со процесот на преговори, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Ставот на оваа Влада во врска со уставните измени е јасен и непроменет, рече денеска премиерот, Христијан Мицкоски и додаде дека се надева дека дијалогот со Бугарија на крајот ќе вроди со плод.
– Што се однесува до уставните измени, нашиот став како Влада е јасен и тој е непроменет. За жал, поради експозициите и антидржавната политика на претходната влада на СДСМ и Демократската унија за интеграција, ние сега имаме политички услов, а тоа се уставните измени, иако многупати во тоа време како опозиција предупредувавме да не влегуваат во такви авантури. За жал, тоа не го послушаа и сега ние можеби сме единствениот пример во кој, покрај оние суштински реформи што треба да ги спроведеме, имаме и политички услови. Но, тоа е што е, ние го водиме дијалогот со нашиот источен сосед. Се надевам дека тој дијалог на крајот ќе вроди со плод и ќе можеме да зборуваме за процес што, конечно, 21 година по стекнувањето кандидатски статус и 26 години по потпишувањето на договорот за стабилизација и асоцијација, ќе можеме да почнеме со процесот на преговори – рече Мицкоски, кој денеска беше на настан во Пирава.
Евроамбасадорот Михалис Рокас, вчера на прес-конференција потврди дека имаме значителен напредок во реформите оваа година, а премиерот Мицкоски посочи дека во извештајниот период не се ставени реформите што ги имаме завршено до 31 август. Неговите очекувања се дека в година ќе имаме уште подобар извештај и дека уште еднаш ќе се потврди дека имаме реформска Влада.
– Амбасадорот вчера на прес-конференцијата рече дека во суштина, во споредба со минатогодишниот извештај, имаме значителен напредок оваа година. Но, важно е да се каже дека извештајниот период не ги опфаќа оние реформи што веќе се направени во меѓувреме и ќе се направат до крајот на годината, особено кога станува збор за борбата со корупција и владеењето на правото, бидејќи извештајниот период завршува до 31 август. А во процесот на реформската агенда ние направивме многу реформи, кои исто така се дел од она што е важно и што претставува дел од овие извештаи на самата Европска Унија. Така што, очекувам в година да имаме уште посилен извештај, со што ќе се потврдат напорите и амбициите на оваа Влада да биде реформска влада – рече Мицкоски.