ФРЛАЛЕ ТЕПИСИ И ГРАДЕЖНИ МАТЕРИЈАЛИ ВО КАНАЛИЗАЦИЈАТА ВО ХРОМ Екипи на „Водовод“ спречија катастрофа

Апелираме до граѓаните да не фрлаат отпад во канализациските шахти, туку да го одлагаат на соодветни места, порачуваат од претпријатието „Водовод и канализација“ и додаваат дека ова е втор пат за помалку од една недела како вадат разновидно ѓубре од канализацијата на улицата Воин Драшкоци во Хром.

118

Спречена е катастрофа предизвикана од човечки фактор – со оваа драматична најава градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски објави што сè фрлале жителите на Хром во шахтите за фекалната канализација!

„Теписи, черги, остатоци од влажни марамчиња, облека, завеси, пуцвали, работна облека, е само дел од ѓубрето извадено од канализацискиот колекторот на улицата Воин Драшкоци во Хром!
За жал свеста тешко проработува! Овој отпад не се нашол сам во системот за канализација, луѓе, наши соседи, пријатели, познаници, ова е од некој меѓу нас! За среќа овој пат навремено се откри и се реагираше во исклучително тешки услови. Ѓорче е безбедно“, објави градоначалникот Стојкоски на Фејсбук.






За оваа интервенција информираше и Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, од каде соопштија дека ова е втор пат за помалку од една недела како вадат разновидно ѓубре од канализацијата во Хром.

 

„За помалку од една недела екипите повторно интервенираа на улицата Воин Драшкоци поради затнување на канализациската мрежа. Од канализациските шахти беа извадени градежни материјали, облека, теписи и друг отпад што го попречувал нормалното функционирање на системот. По интервенцијата, мрежата е целосно исчистена, а отпадните води повторно се одведуваат непречено“, соопшти претпријатие „Водовод и канализација“.

Канализацијата не е еместо за отпад, нагласуваат од претпријатието.

„Апелираме до граѓаните да не фрлаат отпад во канализациските шахти, туку да го одлагаат на соодветни места. Со одговорно однесување и заедничка грижа придонесуваме за чиста животна средина и непречено функционирање на канализацискиот систем“, апелираат од скопскиот водовод.

Поврзани содржини