ЃОРЃИЕВСКИ ПРИМИ НАД 50 ГРАЃАНИ ВО СВОЈОТ КАБИНЕТ „Мојата врата останува отворена за секого“
Градоначалникот на Скопје денеска разговараше со повеќе од 50 граѓани за нивните секојдневни проблеми и потреби. Тој најави дека приемните денови ќе продолжат, вклучително и за време на викендите.
Повеќе од 50 граѓани денеска имаа средби со градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во неговиот кабинет. На средбите се разговарало за проблемите со кои се соочуваат скопјани, нивните потреби и можностите за побрзо решавање на конкретните барања.
Ѓорѓиевски истакна дека секое барање заслужува внимание, бидејќи зад него стојат реални проблеми што влијаат врз секојдневието на граѓаните.
– Секој човек заслужува да биде сослушан со внимание и почит. Зад секое барање стои нечие семејство, нечие секојдневие и надеж дека ќе се најде решение. Таа доверба за мене е голема одговорност – изјави градоначалникот.
Тој посочи дека од разговорите добива корисни предлози и идеи за градот, а особено ги цени советите на повозрасните сограѓани.
– Од овие средби секогаш заминувам со нови сознанија, добри предлози и идеи за нашиот град. Особено ги ценам мудрите совети на повозрасните сограѓани, чие искуство е драгоцено – рече Ѓорѓиевски.
Според него, дел од приемните денови се организираат и за време на викендите, за да има доволно време за разговор и разгледување на барањата.
– Мојата врата останува отворена за секој човек. Да бидам достапен, да слушам и да постапувам, тоа е мојата обврска кон вас, секој ден – порача Ѓорѓиевски.
Граѓаните што сакаат средба со градоначалникот можат да закажат термин на телефонскиот број 02/3 279 204.
Исто така денеска, 17 октомври, Ѓорѓиевски, заедно со Тони Станковски, претседател на ЗГ „Љубезност“, денеска, по повод Светскиот ден на борба против сиромаштијата, поделија повеќе од 400 оброци за наши сограѓани на кои им е потребна поддршка.
Ѓорѓиевски и Станковски се приклучија и на штандот на отец Оливер и однесоа храна на пунктовите на ХО „Св. Спас“.