📽️ ПРОТЕСТИТЕ ВО ТИРАНА ЕСКАЛИРААТ, УАПСЕНИ 1.000 ЛИЦА Тинејџер е погоден со гумен куршум
Полицијата во Тирана употреби солзавец, водени топови и гумени куршуми против демонстрантите во албанската престолнина. Запален е објект во кој се сместени канцеларии на Банката на Албанија, а автомобил изгорел до темел. Според полициските податоци, досега се уапсени 1.067 лица, а 7 полицајци се суспендирани.
Седумнаесетгодишен демонстрант тврди дека бил погоден со гумен куршум во вратот за време на жестоките судири во Тирана. Албанската полиција употреби солзавец и водени топови за да ги растера насобраните граѓани, додека антивладините протести против премиерот Еди Рама дополнително се заоструваат.
Момчето за телевизијата „Њуз 24“ раскажало дека било во првите редови кога почувствувало удар од непосредна близина.
– Бев во првиот ред и викав да се обединиме. Додека викав, ме погодија со гумен куршум одблизу. Не сфатив веднаш што се случува, ми се заврте во главата. Другите демонстранти ми помогнаа – изјавил 17-годишникот.
Најжестоките судири избувнале кога демонстрантите се приближиле до Министерството за економија. Полицијата испукала големи количества солзавец, по што насобраните се упатиле кон владината зграда.
Таму биле употребени водени топови, а густи облаци солзавец го прекриле булеварот „Дешморет е Комбит“. Според медиумските извештаи, полицајци фрлале патрони со солзавец и од терасата на владината зграда.
Полицијата започнала и нова акција за приведување демонстранти. Дел од насобраните се обиделе да ги спречат апсењата, по што избувнале физички пресметки.
Ongoing protests in Albanian capital Tirana have ramped up today (Sky News)
📷 Reuters https://t.co/t6dwBAgTUJ
— Andy Scollick (@Andy_Scollick) October 17, 2026
Молотови коктели пред Владата, запален објект на Банката
Во жестоките судири бил запален влезот на поранешниот хотел „Дајти“, каде што денес се сместени канцеларии на Банката на Албанија. Според „Скопје1“, демонстрантите фрлале молотови коктели и камења кон зградата, кршеле прозорци и се обидувале насилно да ја отворат влезната врата.
На булеварот „Дешморет е Комбит“ целосно изгорел автомобил со француски регистарски таблички, запален со молотов коктел. По судирите, коловозот останал прекриен со камења, искршени плочки, црвена боја и остатоци од запаливи средства.
Полицијата употребила големи количества солзавец и ги растерала демонстрантите, по што пристигнале припадници на специјалната единица РЕНЕА. Засега нема информации за евентуални повредени во пожарите, ниту за вкупната материјална штета.
17/10
Tirana 🇦🇱 jour 5
affrontements intenses aujourd’hui malgré la répression
protestation des étudiants pour la démission du PM Rama https://t.co/cKDPo2cDZW
— Charli☀️🦎 (@CharliB97783485) October 17, 2026
Над 1.000 уапсени, 7 полицајци суспендирани
Според информациите што ги пренесува „Макфакс“, повикувајќи се на Ројтерс, албанската полиција употребила гумени куршуми и против други демонстранти.
Новинари на Ројтерс пронашле гумени проектили на земјата. Двајца новинари на агенцијата биле погодени, како и неколку демонстранти, кај кои останале кружни траги од ударите.
Шефот на албанската полиција Скендер Хита не ја негирал употребата на гумени куршуми, но тврдел дека полициските средства биле користени во ограничен обем.
Тој соопштил дека седум полицајци се суспендирани и против нив се водат дисциплински истраги поради пречекорување на овластувањата.
Според Хита, досега се уапсени 1.067 лица, а против 388 е поведена кривична постапка. Во судирите се повредени десетици полицајци и демонстранти.
#tirana #protest #albania https://t.co/lDWEPVfMXJ
— Lavdrim Lita (@lavdrimlita) October 17, 2026
Студентите бараат оставка од Рама
Антивладините протести во Албанија траат повеќе од четири месеци, а последните денови добиле нов интензитет. Демонстрантите бараат оставка од премиерот Еди Рама, обвинувајќи ја владата за корупција, невработеност и лоши услови во образованието.
Во последните пет дена особено се засилиле студентските протести. Во текот на немирите биле запалени владини објекти и банки, а демонстранти фрлале камења кон полицијата.
– Ова се 13 години корупција, 13 години неработење и празни ветувања. Чашата се прелеа и затоа сме тука да се бориме за нашите права – изјавил 22-годишниот студент по медицина Јури Тауллаху.
Незадоволството дополнително го засилил и проектот за луксузен туристички комплекс на албанското крајбрежје, поврзан со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Жители на областа претходно тврделе дека нивното земјиште било незаконски продадено за потребите на проектот. Рама ги негира обвинувањата за незаконско постапување.
Албанскиот премиер изјавил дека нема да поднесе оставка. Тој нагласил дека владата го почитува правото на студентите да протестираат.
„Мојата одговорност е уште појасна во овие тешки времиња – да ги заштитам граѓаните, да ја гарантирам правдата и да ја движам Албанија напред“, порача Рама на Фејсбук.
Премиерот истакнал дека неговата влада останува посветена на целта Албанија да стане членка на Европската Унија до 2030 година.

