ШЕФОТ НА ЛА ЛИГА ПРЕДИЗВИКА НЕВИДЕН СКАНДАЛ Спомна „наци пропаганда“, Реал му побара оставка

Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, ја спореди медиумската стратегија на Реал Мадрид со пропагандните методи на Јозеф Гебелс. Мадридскиот клуб ги оцени неговите зборови како недозволиви и побара да се повлече од функциите.

109

Жестока пресметка меѓу Реал Мадрид и претседателот на шпанската Ла Лига, Хавиер Тебас, прерасна во голем скандал откако првиот човек на натпреварувањето ја спореди медиумската стратегија на „кралскиот клуб“ со пропагандните методи на нацистичка Германија.

Реал веднаш побара негова оставка.






Тебас ја објави спорната оценка на социјалната мрежа „Икс“, критикувајќи го начинот на кој официјалниот клупски канал „Реал Мадрид ТВ“ известува за судиските и дисциплинските одлуки.

Повод за новиот судир биле честите обвинувања од Мадрид на адреса на фудбалските институции, особено по суспензијата на Винисиус Жуниор од четири натпревари поради инцидентот против Виљареал.

Тебас тврди дека раководството на Реал Мадрид систематски создава недоверба кон институциите преку повторување обвинувања и посочување виновници.

„Раководството на Реал Мадрид диригира со оркестар од натрапници, а ‘Реал Мадрид ТВ’ е неговиот најистакнат експонент. Нивниот резултат е секогаш ист – да избираат потези во нивна корист, да повторуваат поплаки, да поттикнуваат сомнежи и да посочуваат непријатели“, напиша Тебас.

Тој отиде и чекор понатаму, споредувајќи го таквиот пристап со методите на Јозеф Гебелс, министерот за пропаганда на нацистичка Германија.

„Овој метод потсетува на пропагандните механизми што ги користел Јозеф Гебелс. Систематско повторување, конструирање непријатели и потчинување на фактите на наративот“, наведе претседателот на Ла Лига.

Реал Мадрид реагираше со официјално соопштение во кое оценките на Тебас ги нарече апсолутно недозволиви и неспоиви со институционалната неутралност што се очекува од човек на неговата позиција.

Клубот побара Тебас веднаш да поднесе оставка од функцијата претседател на Ла Лига, како и од функцијата потпретседател на Шпанската фудбалска федерација.

Во реакцијата, Реал повторно го отвори и прашањето за случајот „Негреира“, поврзан со исплати од Барселона кон поранешен висок функционер на шпанскиот судиски систем.

Мадридскиот клуб побара и целосна реформа на судискиот систем во Шпанија, со што долгогодишниот конфликт со раководството на Ла Лига доби нова димензија.

Поврзани содржини