ОТИШЛА НА НОВИНАРСКА ЗАДАЧА, ГО ПРОНАШЛА СВОЕТО СЕМЕЈСТВО Татко ѝ верувал дека починала при раѓањето
Како бебе ја оставиле во болница, потоа ја посвоило семејство од Сисак. Години подоцна, туѓа приказна за напуштено дете ја повела кон сопственото потекло.
Новинарката на Хрватската радиотелевизија, Ивана Периќ, тргнала да истражува туѓа судбина, но открила дел од својата. Новинарска задача во Мостар ја повела кон биолошкото семејство. Подоцна го запознала и таткото, кој со години верувал дека починала при раѓањето, пренесува хрватски Индекс.
Периќ сега ја раскажа својата приказна во подкастот „По рецептура“. Потрагата почнала години порано, кога службено се вратила во родниот град.
Поводот бил вест за жена која оставила бебе во мостарската болница. Репортерката отишла да го истражи случајот, но во Центарот за социјална работа дознала нешто неочекувано. Имала жива биолошка мајка, полусестра и 2 полубраќа, раскажала претходно за „Глорија“.
Слично почнал и нејзиниот живот. Биолошката мајка ја оставила во болница, по што завршила во детскиот дом „Бјелаве“ во Сараево. На 13 месеци ја посвоиле Александра и Иван Лацковиќ од Сисак.
Брачниот пар долго се обидувал да добие дете. Александра била професорка по историја, додека Иван работел како машински проектант. За новинарката, тие останале нејзините вистински родители.
Сепак, средбата со биолошката мајка не донела блискост. Периќ раскажала дека не успеале да се зближат, но воспоставила добри односи со полубраќата. Посебно емотивно било подоцнежното запознавање со биолошкиот татко, според денешниот напис на Индекс.
За детството во Сисак памети сосема поинакви сцени. Кога посакала кукла барбика, мајката што ја посвоила заминала со автобус во Минхен за да ѝ ја купи. За друга кукла, која плачела, отпатувала до Австрија.