ЉУБЧО ГЕОРГИЕВСКИ ТВРДИ ДЕКА ВО БУГАРИЈА НЕМАЛО ФАШИСТИЧКИ ОРГАНИЗАЦИИ Имало, имало, обаче Љубчо не сака да знае за нив

Никакви француски, руски или српски фашисти не можат да ги избришат од историјата бугарските легионери, ратници и националсоцијалисти. Ниту фактот дека Бугарија била членка на Оската и окупатор во Македонија.

0

Лидерот на ВМРО-Народна партија и поранешен македонски премиер Љубчо Георгиевски реши да одржи мала историска лекција на Фејсбук. Наброја фашисти и соработници на нацистите од Франција до Русија и Србија, за на крајот да ја соопшти поентата: „Единствено фашисти немаше во Бугарија“.

Убаво би звучело кога би било точно. Ама – не е.






Во Бугарија пред и за време на Втората светска војна постоеле повеќе организации кои во историографијата се идентификуваат како фашистички, профашистички или националсоцијалистички.

На списокот се Сојузот на бугарските национални легиони, Сојузот на ратниците за напредок на бугарштината, Народното социјално движење на Александар Цанков, „Родна заштита“, па дури и организација со име Националсоцијалистичка бугарска работничка партија. Овие движења не ги измислила југословенската комунистичка историографија. Нивното постоење, идеологијата, антисемитизмот, антипарламентаризмот и врските со европската фашистичка десница се предмет на сериозни историски истражувања. Оксфордската историја на Бугарија, на пример, зборува за националистички, фашистички и протофашистички групи кои биле охрабрени од политиката на власта.

Особено познат бил Сојузот на бугарските национални легиони, со кој е поврзан генералот Христо Луков. Постоеле и „Ратниците“, со отворен антисемитизам и идеолошка блискост со националсоцијализмот, како и движењето на Александар Цанков. Колку и денес некому да му пречи зборот „фашистички“, историскиот спор околу карактерот на државниот режим не го брише постоењето на овие организации. Дури и современите бугарски историчари кои режимот на Борис III го определуваат како авторитарен, а не како фашистички, признаваат дека фашистички организации постоеле.

Борис III ја врза Бугарија со Хитлеровата Оска

Приказната не завршува со организации на политичката маргина. На 1 март 1941 година Бугарија официјално пристапила кон Тројниот пакт и станала сојузник на нацистичка Германија и фашистичка Италија. US Holocaust Memorial Museum наведува дека Бугарија потоа учествувала во германскиот напад врз Југославија и Грција, а со германско одобрение окупирала најголем дел од југословенска Македонија, делови од грчка Тракија и Пирот. Тоа е терминологијата на една од најрелевантните светски институции за историјата на Втората светска војна и Холокаустот: occupation – окупација.

На чело на државата бил цар Борис III, кој од 1935 година воспоставил кралска диктатура и постепено ја приближувал Бугарија кон Германија. Неговите средби со Адолф Хитлер се документирани и на филм. Самото ракување со Хитлер, се разбира, не е доказ за фашизам; со Хитлер разговарале многу државници. Но бугарскиот цар не се среќавал со него како лидер на неутрална или непријателска земја, туку како владетел на држава која станала членка на Оската и чии војници во 1941 година влегле во окупираните територии на Југославија и на Грција.

Уште пред влегувањето на бугарската војска во Македонија, власта во Софија тргнала по патот на расното законодавство. Законот за заштита на нацијата, кој стапил во сила во јануари 1941 година, ги ограничил правата на Евреите, ги отстранувал од јавниот и професионалниот живот и вовел мерки инспирирани од антисемитската политика на нацистичка Германија. US Holocaust Memorial Museum наведува дека режимот на Борис и премиерот Богдан Филов ја прифатил германската хегемонија и вовел антисемитска државна политика.

За македонските Евреи окупацијата заврши во Треблинка

Најцрната страница од бугарската окупација на Македонија е март 1943 година. Бугарските власти ги собрале Евреите од Скопје, Битола и Штип, повеќе од 7.000 луѓе, ги затвориле во скопскиот Монопол и потоа ги депортирале во Треблинка. US Holocaust Memorial Museum пишува сосема недвосмислено дека операцијата ја спровеле бугарската полиција и војска и дека македонските Евреи биле жители на територија „окупирана од Бугарија“. Од Македонија, Тракија и Пирот бугарските власти депортирале вкупно 11.343 Евреи. Речиси сите биле убиени.

Истовремено, историски факт што не треба да се премолчува е дека депортацијата на околу 50.000 Евреи од предвоените граници на Бугарија била спречена по отпорот на дел од бугарското општество, пратеници предводени од Димитар Пешев и претставници на Бугарската православна црква. Тоа е чесен и значаен дел од бугарската историја. Но спасувањето на тие луѓе не ги воскреснува Евреите од Скопје, Битола и Штип, ниту ја претвора окупацијата на Македонија во нешто друго.

Ставот на Георгиевски не го преживува судирот со фактите

Георгиевски во својот пост ги споменува Французите што се бореле за Рајхстагот, Власовците, Недиќ, Дража Михаиловиќ и Љотиќ. За секој од тие примери може да се отвори посебна историска расправа. Но никакви француски, руски или српски фашисти не можат да ги избришат бугарските легионери, ратници и националсоцијалисти. Ниту можат да го избришат фактот дека Бугарија била членка на Оската и окупациска сила во Македонија.

Затоа реченицата на Георгиевски дека „единствено фашисти немаше во Бугарија“ не е некаква смела ревизија на комунистичката историографија. Таа, едноставно, не го преживува судирот со фактите. Може да се дебатира за точната историска дефиниција на режимот на Борис III, за неговите разлики со Хитлеровиот и Мусолиниевиот модел, па и за мотивите на тогашната бугарска политика. Но не може сериозно да се тврди дека во Бугарија немало фашисти. Имало, имало, обаче Љубчо не сака да знае за нив.

 

 

 

Поврзани содржини