140 ПРИЈАВИ ЗА НЕЗАКОНСКА СЕЧА, ЗАПЛЕНЕТИ НАД 500 КУБИЦИ ДРВА Шумската полиција одзема 30 возила и девет трактори

Во акциите спроведени во септември и на почетокот на октомври биле одземени и 13 товарни и 17 патнички возила, девет трактори и опрема за незаконска сеча. Министерството најавува продолжување на контролите низ целата држава.

66

Над 500 кубни метри нелегално исечена дрвна маса биле запленети во засилените акции на Шумската полиција низ државата, спроведени во текот на септември и на почетокот на октомври. Во истиот период биле поднесени 140 пријави против лица осомничени за незаконски активности поврзани со сеча и транспорт на дрва.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), привремено биле одземени и 13 товарни и 17 патнички возила, девет трактори, како и моторни пили, приколки, секири и други предмети за кои постои сомнение дека биле користени за незаконска сеча и превоз на дрва.






Засилените акции се спроведуваат паралелно со редовните контроли, со посебен фокус на подрачјата каде што поинтензивно дејствуваат организирани групи што се занимаваат со нелегална сеча.

Контролите се насочени и кон спречување на незаконското снабдување со огревно дрво на домаќинствата и на производствените капацитети, со што се нанесува значителна штета на шумскиот фонд, наведуваат од Министерството.

– Засилените акции ќе продолжат и во наредниот период, на целата територија на државата. Заштитата на шумите е јавен интерес и наша институционална одговорност. Шумската полиција ја има целосната поддршка на Министерството да постапува одлучно и доследно против незаконската сеча, транспортот и трговијата со дрва, во рамките на своите законски овластувања – порачува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство – Борче Серафимовски.

Во пресрет на грејната сезона, МЗШВ ги повикува граѓаните да купуваат огревно дрво исклучиво од лиценцирани продавачи и складови. Според Министерството, набавката од легални извори придонесува за спречување на нелегалната трговија и за зачувување на шумите.

Од Министерството апелираат граѓаните да ги пријавуваат сомнежите за незаконска сеча, транспорт и продажба на дрва до Шумската полиција и другите надлежни органи.

Поврзани содржини