РУСИЈА НЕ ГИ ПОЧИТУВА ТРАМП И НЕГОВОТО ПРИМИРЈЕ Зеленски обвини за намерен напад, 600.000 Украинци се без струја
Украинскиот претседател тврди дека Москва намерно ја нападнала енергетската инфраструктура на Украина, непочитувајќи ја објавата на претседателот на САД кој претходно објави дека е постигнато примирје за ваквиот тип напади.
Русија со синоќешните ракетни напади покажала отворено непочитување кон Соединетите Американски Држави и кон претседателот Доналд Трамп, обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој тврди дека Москва намерно ја нападнала енергетската инфраструктура.
„Руските напади со балистички ракети беа насочени конкретно врз енергетската инфраструктура, токму врз инфраструктурата опфатена со примирјето што го објави американскиот претседател“, напиша Зеленски на социјалната мрежа Икс.
Украинскиот претседател смета дека обемот на нападот бил намерно избран за да испрати политичка порака.
„Нападот беше целосно намерен, а неговиот обем беше демонстративен. Русија никогаш досега не покажала толку отворено непочитување кон САД. Русија не ги сфаќа сериозно изјавите на американскиот претседател“, напиша тој.
Трамп во неделата објави дека Русија и Украина се согласиле на прекин на нападите врз енергетската инфраструктура.
„Веднаш стапува на сила прекин на нападите врз енергетски инфраструктури во војната меѓу Русија и Украина. Двете страни се согласија. Не го прекршувајте!“, напиша американскиот претседател.
Зеленски претходно изјави дека Киев е подготвен да ги запре нападите врз руските рафинерии и енергетски објекти, доколку Москва постапи исто.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пак, се спротивстави на идејата за примирје. Тој оцени дека Украина не заслужува пауза што би ѝ овозможила да добие ново европско оружје.
Најмалку 600.000 луѓе низ Украина останале без електрична енергија по руските напади со ракети и со беспилотни летала. Зеленски соопшти дека е погодена критичната енергетска инфраструктура во Киев, во околниот регион и во Харков.
Украинската државна служба за вонредни ситуации соопшти дека во Киев загинале најмалку три лица, а 21 биле повредени.
Украинското воено воздухопловство објави дека Русија лансирала 39 балистички и крстосувачки ракети, како и 128 беспилотни летала.
Според украинските податоци, противвоздушната одбрана соборила четири ракети и 115 дронови.
Руското Министерство за одбрана потврди дека во текот на ноќта извело масовни напади врз цели во регионите Киев и Харков.
Москва тврди дека биле погодени комуникациски и енергетски објекти што ги користи украинската војска.
Руското Министерство соопшти и дека противвоздушната одбрана соборила 902 украински дрона над повеќе руски региони.
Според Москва, беспилотните летала биле пресретнати и над главниот град и над Крим, украинскиот полуостров што Русија го анектираше во 2014 година.