УДАР ЗА КИЕВ, МАСК ГО ОГРАНИЧИ „СТАРЛИНК“ Дроновите летаат побрзо од сателитската врска
Ограничувањето ја погодува воената услуга „Старшилд“, додека обичните терминали продолжуваат да работат. Советник на Зеленски тврди дека украинските сили не добиле никакво предупредување за промената.
Компанијата Спејс Икс на Илон Маск го ограничи работењето на дел од сателитскиот систем „Старлинк“ што го користи украинската војска. Промената веќе предизвикала неуспех на неколку воени мисии, тврди советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Сергеј Бескрестнов.
Ограничувањето се однесува на воената услуга „Старшилд“. Нејзините терминали повеќе не функционираат при движење со брзина поголема од приближно 160 километри на час.
Редовните терминали на „Старлинк“ засега продолжуваат да работат.
Бескрестнов, познат по прекарот Флеш, објави на Телеграм дека украинските сили не биле однапред известени.
„Нашите одбранбени сили не биле предупредени за ова ограничување, што довело до неуспех на неколку мисии“, напиша тој.
Извор од 7. корпус за брза реакција на украинската војска, распореден на југоисточниот дел од фронтот, ги потврдил проблемите за Ројтерс.
Украинскиот активист и поранешен советник на министерот за одбрана, Серхиј Стерненко, тврди дека врската почнала да исчезнува во текот на ноќта.
Стерненко изнесе и сомневање дека ограничувањето можеби било воведено на барање на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
За ова тврдење засега нема независна потврда. Ројтерс не објави дека Белата куќа наредила ограничување на услугата.
„Старлинк“ има клучна улога во комуникацијата на украинските сили. Системот обезбедува интернет во области со уништена инфраструктура и се користи за пренос на податоци и за управување со одредени беспилотни системи.
Интересно е што Бескрестнов пред само неколку дена ги отфрли гласините за можно исклучување на „Старлинк“ во Украина.
Тогаш тврдеше дека Киев има стабилни партнерски односи со Спејс Икс. Тој нагласи дека Маск е бизнисмен, а Украина е важен клиент на неговата компанија.
Спејс Икс засега не ги објаснил причините за ограничувањето, ниту е познато колку долго ќе остане во сила.