ТУНЕЛ, 5 ВИЈАДУКТИ, 4 МОСТОВИ, 5 НАТПАТНИЦИ ЌЕ СЕ ГРАДАТ НА АВТОПАТОТ КИЧЕВО-БУКОЈЧАНИ Два автопати ќе бидат завршени до крајот на 2029 година

На автопатот Прилеп-Битола работите се одвиваат со одлична динамика, рокот на завршување е до крајот на 2029 година, но очекувам веќе в година да имаме отворено дванаесетина километри, исто и Тетово-Гостивар очекувам во рокот до крајот на 2029 година да биде завршен, вели министерот за транспорт Александар Николоски.

55

Македонија се наоѓа во период на интензивен инфраструктурен развој, со изградба на 6 автопатски делници истовремено, инвестиции што треба значително да ја подобрат патната поврзаност во земјава и да дадат нов импулс на економијата, истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

– Станува збор за обемен градежен потфат со кој ретко која земја во регионот, па и пошироко, може да се пофали – рече тој во гостување на ТВ Алфа.






Секој од овие проекти има значајна улога во поврзувањето на регионите и заокружувањето на главните патни коридори, рече Николоски.

Тој се осврна на динамиката на изградба на автопатите, предизвиците со кои се соочуваат изведувачите и очекуваните рокови за завршување на делниците.

– Автопатот Кичево-Букојчани е еден исклучително значаен проект, проект којшто ја прави целината на автопатот кој што оди од Скопје, преку Тетово, Гостивар, Кичево, до Охрид и до Струга, но исто така е клучен за Коридорот 8, затоа што без овој автопат, трите други автопати коишто се градат во моментов, Охрид-Кичево, Букојчани-Гостивар и Гостивар-Тетово, ќе немаа смисла, односно не ќе можат да се спојат. Со овој автопат целиот Коридор 8 добива смисла – рече заменик претседателот на Владата.

Николоски посочи дека станува збор за исклучително тежок, планински терен, на кој ќе се градат тунел долг 370 метри, 5 големи вијадукти, 4 помали мостови, 5 натпатници, 4 потпатници и 2 клучки. Како особено значајно го истакна и учеството на домашните инженерски компании.

Вицепремиерот Николоски очекува роковите да бидат запазени и во изградбата на останатите автопатски делници.

– На автопатот Прилеп-Битола работите се одвиваат со одлична динамика, рокот на завршување е до крајот на 2029 година, но очекувам веќе в година да имаме отворено дванаесетина километри од 40. Тетово-Гостивар, иако изгледа лесен, има доста објекти и таму има предизвици, но се решаваат и очекувам во рокот до крајот на 2029 година да биде завршен. Гостивар-Букојчани или обиколницата на Стража, тој е најтежок за работа, затоа што целиот е низ планина, има многу мостови, еве веќе почна осмиот мост да се работи овие денови. Тој е 31 колометар и таму очекувам 2029-2030 да биде завршен. За Букојчани-Кичево рокот за изведба е 4 години, изведувачите ветуваат дека за 3 години и 6 месеци ќе го завршат. Охрид-Кичево, една поголема делница очекувам да пуштиме во следниве месец дена, а целиот да биде завршен напролет во зависност од временските прилики – истакна вицепремиерот Николоски.

Тој рече дека растот на бруто-домашниот производ (БДП) на Македонија се очекува да достигне 3,5%.

– Денеска стигна ревидирање во однос на проценката на БДП, и тоа ревидирање не го направи Македонија, туку Меѓународниот монетарен фонд, една од двете најрелевантни институции за економија во светот, заедно со Светската банка, коишто велат дека растот на БДП ќе биде на 3,5%, а нивната проценка првично беше 3,1% – посочи Николоски.

Тој нагласи дека ваквите очекувања се особено значајни ако се земат предвид актуелните глобални економски предизвици, вклучително и енергетската криза, како и фактот дека голем број држави се соочуваат со стагнација или рецесија. Како еден од главните двигатели на економскиот раст, Николоски го посочи градежништвото.

– Голем удел во овој раст има градежништвото, 6 квартали досега имаме двоцифрен раст на градежништвото. Вториот квартал во оваа 2026 година, растот беше скоро 22%, а очекувам и во третиот и во четвртиот растот да биде двоцифрен, што сигурно придонесува и во растот на БДП, така што ефектите се гледаат веднаш – рече вицепремиерот Александар Николоски.

Поврзани содржини